Претходна статија
Ќе се гради монтажна паркинг гаража во центарот на Куманово
Следна статија
ДОНИРАНИТЕ ОБЈЕКТИ ЗА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ: Фабриката „Карпош“ подарена од Советскиот Сојуз

Железницата втор квартал по ред ниже позитивни резултати

Објавено на 25.08.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Македонски железници – Транспорт во вториот квартал од годинава успеале да го зголемат бројот на превезени патници и стока, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Бројот на патници превезени со воз се искачил на 148.000, што е за 13,8% повеќе во споредба со периодот април – јуни 2017 година. Со товарни возови во вториот квартал од 2018 година биле транспортирани 483.000 тони стока, што е за 5% повеќе во однос на идентичниот период лани. Кај железницата е регистриран и пораст на превезените патници и стока во споредба со првиот квартал од годинава.

 

 

За да се обезбеди сигурен и навремен транспорт на патници, МЖ – Транспорт вчера распиша и тендер за обезбедување на превоз на патници со автобус на релациите меѓу Скопје и Табановце, Гевгелија, Битола, Кичево, Кочани и Волково. Со оваа набавка им се овозможува сигурен превоз на патниците што набавиле железнички билет до посакуваната дестинација во случај на прекин на нормалното одвивање на железничкиот сообраќај. Ваквиот потег ќе чини малку средства одвоени од буџетот на националното железничко претпријатие, но ќе обезбеди доверба кај патниците во овој вид сообраќај.

 

Заедно со позитивните бројки за железницата, статистичарите пресметале позитивен раст и кај авиосообраќајот. Во вториот квартал е регистриран раст од 20,7% кај воздухопловниот превоз на патници, но и намалување од 7,4% на превезената стока со авиони. Кај патниот патнички превоз е забележан раст од 2,7% во вториот квартал од годинава, па така автобусот како превозно средство го користеле вкупно 2.148.000 патници. Наспроти ова, во товарниот патен превоз има намалување од 4,4% на превезената стока.

 

Најголем пад кај бројката на превезени патници е регистрирана кај градско – приградскиот превоз. Во вториот квартал од годинава со јавен превоз патувале 18.916.000 патници, што претставува огромно намалување од 16,4% во споредба со истиот период од минатата година. Наспроти овие бројки за периодот април – јуни 2018 година, ЈСП – Скопје во текот на денешниот ден излезе со сопствени податоци за градскиот превоз во Скопје. Во првите шест месеци од годинава со автобусите на ЈСП – Скопје се превезле 22,6 милиони патници, додека бројот на продадени персонализирани билети бил зголемен за 2,6% во споредба со првото полугодие од 2017 година.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk