Претходна статија
ИН МЕМОРИАМ: Почина архитект Славко Брезоски
Следна статија
Поднесени 182 барања за субвенционирање печки на пелети во Скопје

Зголемена бројката на нови станови за градење на почетокот од 2017 година

Објавено на 08.03.2017 во категорија Вести.

 

И на почетокот од 2017 година продолжила тенденцијата за изградба на нови станови низ македонските општини. Локалните власти во јануари 2017 година издале одобренија за градење на 503 предвидени станови со корисна површина од 47.421 метар квадратен. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројката на предвидени станови е зголемена за 57,7%, додека нивната површина пораснала за 81,2% во споредба со јануари 2016 година. Физичките лица започнале постапка за изградба на 277 станови кои што ќе се простираат на 33.096 метри квадратни, додека во останатите живеалишта ќе инвестираат градежните компании.

 

 

Квадратурата на новите живеалишта што допрва ќе се градат останува стандардна на досегашниот просек. Најмногу станови – 187 е предвидено да имаат три соби, додека бројката на двособни станови изнесува 102. Скопскиот регион со издадени градежни дозволи за 221 стан предничи на ниво на целата земја во делот на инвестирањето во овој вид недвижности. Притоа, од скопската општина Аеродром во текот на јануари биле издадени одобренија за подигање на 115 нови станови, а веднаш по неа следуваат општина Гевгелија со 84 и општина Гостивар со 61 предвиден стан за градење.

 

Во најновиот извештај на Државниот завод за статистика се наведува дека во првиот месец од 2017 година биле издадени 368 одобренија за градење, што е за 39,9% повеќе во однос на идентичниот период лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 5.260.686 илјади денари, односно за 69,2% повеќе во споредба со јануари 2016 година. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 226 (61,4%) се наменети за објекти од високоградба, 41 (11,1%) за објекти од нискоградба и 101 (27,5%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 368 објекти, на 248 (67,4%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 120 (32,6%) објекти инвеститори се деловни субјекти.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk