Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Разрушениот магацин под Кале како раритетна скопска архитектура
Следна статија
Избрани идејни решенија за плажи на Дојранското и Преспанското езеро

Започна изградбата на новиот КПД „Идризово“

Објавено на 16.09.2013 во категорија Вести.

КПД „Идризово“ - проект за надградба и реконструкцијаПремиерот Никола Груевски денеска го означи почетокот на градежните активности за изградба на новиот затворски комплекс на местото на постоечкиот КПД „Идризово“ [»мапа]. Инвестицијата во најголемата казнено – поправна установа во Македонија изнесува 11,2 милиони евра, финансиски средства обезбедени од Банката за развој при Советот на Европа и од државниот буџет. Изградбата на комплексот ќе се одвива во три фази, а со неговата целосна реализација ќе се зголеми капацитетот на установата од постоечките 900 на 1.600 лица. Со проектот е предвидена изведба на ново приемно, затворско и полуотворено одделение, реконструкција на отвореното одделение, изградба на главна капија, на центар за посети, ново здравствено одделение, спортска сала, работилници, магацини, нов безбедносен ѕид, огради, пречистителна станица и нови одделенија од женскиот затвор.

 

За изведувач на градежните работи е избрана словачката компанија „Хемкостав“ од Михаловце, која треба да го заврши целиот зафат најдоцна до 2018 година. Со реализацијата на проектот ќе се имплементираат меѓународно признатите стандарди за функционирање на затворите. Покрај КПД „Идризово“, во претстојниот период треба да започне изведбата и на установата „Скопје“ во Шуто Оризари, но и на тетовскиот и кумановскиот затвор. Досега беа комплетно реконструирани казнено – поправните установи во Прилеп и Штип, а беше изградено и ново притворско одделение во затворот „Скопје“. Во реконструкцијата на македонските затвори е планирано да се вложат вкупно 52 милиони евра.