Претходна статија
„Карпош АД“ со минорна добивка ја стартуваше 2018 година
Следна статија
„Адинг“ ја започна 2018 година со минус од 4.673.000 денари

За третина намалена бројката на станови за градење во март

Објавено на 14.05.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Опаѓа интересот за инвестирање во изградбата на нови станови. Македонските општини во текот на март 2018 година издале одобренија за изградба на 342 нови станови со вкупна корисна површина од 27.398 метри квадратни. Во споредба со идентичниот период лани, бројката на предвидени станови за градење е намалена за 63,2%, додека нивната квадратура опаднала за 63,9%. Деловните субјекти ја започнале постапката за изградба на 239 станови, додека во останатите живеалишта е предвидено да инвестираат физичките лица.

 

 

Инвестирањето во овој вид недвижности останува и понатаму сконцентрирано во скопскиот регион, чии општини во март 2018 година издале одобренија за градење на 268 нови станови. Притоа, општина Центар со 74 предвидени станови за градење предничи пред другите македонски општини. Во поглед на квадратурата, најголем интерес кај градителите постои за изведба на трисобни (113) и двособни станови (89).

 

Како што покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, во март 2018 година се издадени 211 одобренија за градење, што е за 45,1% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 1.678.288 илјади денари, што е за 76% помалку во однос на идентичниот период лани. Намалената предвидена вредност се должи на фактот дека во претходниот период беше издадено одобрение за градење на магистралниот гасовод – делница 2, Неготино (Кавадарци) – Битола. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 119 (56,4%) се наменети за објекти од високоградба, 35 (16,6%) за објекти од нискоградба и 57 (27%) за објекти за реконструкција.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk