Претходна статија
И жителите од Карпош 4 со директни барања до кандидатите за градоначалници
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: Затворениот базен во Охрид веќе две години оставен на темели

За развој на инфраструктурата обезбедени грантови од 188,4 милиони евра

Објавено на 09.09.2017 во категорија Вести.

 

Новата влада во првите 100 дена од нејзиното работење обезбедила неповратни средства во износ 188,4 милиони евра за финансирање на крупни инфраструктурни проекти. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес конференција се осврна на сработените проекти во рамките на стоте дена од работењето на новата влада. „За само краток период успеавме да обезбедиме вкупно 131 милион евра неповратни средства од Европската Унија за доизградба на пругата кон Бугарија од Коридорот 8“ изјави министерот Сугарески.

 

 

На Самитот во Трст е обезбеден грант од 70 милиони евра за делницата од Бељаковце до Крива Паланка, со што е заокружена финансиската конструкција за изведба на втората фаза од пругата кон Бугарија. Преку Оперативната програма за транспорт 2014 – 2020 година на ЕУ се обезбедени околу 61 милион евра за изградба на железничката делница од Крива Паланка до Деве Баир. Двете соседни земји се договорија целата пруга од Скопје до Софија да биде ставена во функција најдоцна до 2027 година.

 

Министерот Сугарески истакна дека се обезбедени средства и за довршување на пругата од Битола до грчката граница. „Договорот со новиот подизведувач очекуваме да биде потпишан овој месец и конечно да продолжиме со реализација на овој проект“ нагласи тој. Во делот на патната инфраструктура, новата влада преку Оперативната програма за транспорт 2014 – 2020 година на ЕУ обезбедила 41 милион евра за изградба на нови патишта низ земјава. Притоа, веќе е потпишан договорот за изградба на делницата од Градско до Дреново на експресниот пат Градско – Прилеп. Министерот Сугарески информираше дека се алоцирани средства и за изградба на третата фаза од овој проект, со што е заокружена финансиската конструкција за изведба на овој патен правец.

 

Првиот човек на Министерството за транспорт и врски нагласи дека сите три започнати автопати во земјава ќе бидат завршени. Владата ќе ги усвои законските измени за продолжување на рокот за изградба на автопатот Миладиновци – Штип до септември 2018 година. По одржувањето на локалните избори, извршната власт ќе преговара со кинескиот изведувач Синохидро и околу продолжувањето на рокот за изведба на автопатот Кичево – Охрид. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска изјави дека се добиени 12,5 милиони евра за подобрување на водоснабдувањето во македонските општини, од кои 9,5 милиони евра се неповратни средства.