Претходна статија
Плачковица, Голак и Берово ќе станат скијачки центри
Следна статија
Реконструираниот Музеј на современа уметност во Скопје ги отвори вратите за посетители

За четири години од Кичево до Охрид ќе се патува по автопат

Објавено на 22.02.2014 во категорија Вести.

Трасата на планираниот автопат Кичево – ОхридСамо еден ден по стартот на изградбата на автопатот Миладиновци – Штип, започна реализацијата и на вториот крупен проект преку подигнатиот кредит од кинеската Ексим банка. Во присуство на премиерот Никола Груевски, кинескиот амбасадор во земјава, министри и пратеници, кај кичевското село Извор денеска беше поставен камен – темелникот на автопатската делница од Кичево до Охрид, вредна 374 милиони евра. Механизацијата на кинеската „Синохидро Корпорација“ во наредните четири години ќе го гради овој капитален проект на три места истовремено, за да се овозможи навремено завршување на работите. Премиерот Груевски во своето денешно обраќање рече дека автопатот Кичево – Охрид како дел од паневропскиот Коридор 8 е највисоката инфраструктурна инвестиција во Македонија во последните 50 години.

 

Должината на трасата изнесува 57 километри. Изработениот проект предвидува изведба на две коловозни ленти и една помошна лента за застанување за секој правец и зелен средишен појас. Автопатот ќе минува низ тежок планински предел и по неговата должина ќе има 22 мостови вијадукти, 7 армирано – бетонски мостови, шест надпатници и 13 подпатници. Еден од најзначајните инфраструктурни објекти кој треба да се реализира е тунелот „Пресека“ со вкупна должина од 1.990 метри. Како што веќе беше договорено со изведувачот на работите, домашните градежни компании ќе извршат минимум 49% од вредноста на предвидените работи. Притоа, најмалку 51% од ангажираните работници на градилиштето ќе бидат македонски граѓани. Во согласност со потпишаниот договор, кинескиот кредит е со рок на отплата од 20 години, пет години грејс период и каматна стапка од 2 процентни поени.

 

Долж целата траса ќе се постави модерна опрема за безбедност во сообраќајот: заштитна ограда, звучни и други сигнални уреди. Максималната дозволена брзина ќе биде ограничена на 120 километри на час. Со денешното започнување на изградбата на делницата Кичево – Охрид, вкупниот број на километри автопат коишто во моментов се градат во земјава се искачи на 132 километри, вклучувајќи ги делниците Миладиновци – Штип и Демир Капија – Смоквица.