Претходна статија
Нови фасади за три станбени згради во Тафталиџе 2
Следна статија
Отворена новата фабрика на американски „Гентерм“ во Прилеп

Втор тендер и седум години ветување за изградба на нов Драмски театар

Објавено на 21.07.2016 во категорија Вести.

Во првиот обид од февруари годинава, Министерството за култура не успеа да избере изведувач за изградба на новиот објект на Драмски театар во скопската населба Карпош 2. По седум години од првичното ветување за реализација на проектот, надлежното министерство денеска го распиша вториот по ред тендер за изведба на идното културно здание. Како и во првиот повик, проценетата вредност на објектот изнесува 625.423.729 денари, без вклучен ДДВ. Новиот објект на Драмски театар ќе има максимална висина од 35 метри.

 

 

 

Според постоечката маркичка во ДУП-от, парцелата со површина од 4.153 метри квадратни поинаку ќе се уреди од сегашната зграда подигната во 1965 година. Со градежниот зафат ќе се уништи паркот и угостителскиот објект на предната страна од зградата, но затоа пак на задниот дел ќе се оформи надземен паркинг. Изведувачот на градежните работи ќе има 36 месеци за да го реализира ветениот проект. Компаниите од градежниот сектор имаат рок до 13 септември за да ги достават понудите до Министерството за култура.

 

Идното културно здание ќе се гради според избраниот архитектонски труд на авторите Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ и Билјана Стојменовска од студиото „Платформа“. Идејното решение за новиот Драмски театар беше избрано уште во 2009 година. Основниот проект за театарската зграда го изготви фирмата „Монтимпекс-Инженеринг“. Покрај неуспешниот тендер за изградба на објектот со средства од државниот буџет, Министерството за култура имаше и еден неуспешен обид да пронајде приватен партнер за изградба на објектот во 2014 година.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk