Претходна статија
Започна изградбата на нов градски пазар во Берово
Следна статија
Дополнителни 7,4 милиони денари за довршување на новото училиште во Капиштец

Возниот парк на Скопјани за само 6 години се зголемил за над 27.000 нови возила

Објавено на 21.08.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Вкупно 27.474 нови возила биле регистрирани во Скопје во периодот од 2012 до 2017 година. Сите тие се приклучиле на постојната сообраќајна мрежа во главниот град, која што лани требало да прими вкупно 169.190 возила од секаков вид. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат значителен раст на моторизираноста на населението во главниот град, која што со себе повлекува продлабочување на проблемот со сообраќајниот метеж, но и со зголемување на загадувањето на воздухот во Скопје.

 

Ситуацијата не е ништо подобра ниту низ останатите македонски општини, па така, статистичарите пресметале дека на ниво на целата земја сообраќале вкупно 474.516 патни и приклучни моторни возила, заклучно со 31 декември 2017 година. Од нив, најголем удел во сообраќајот имале автомобилите, кои ги има во Македонија вкупно 400.316. Ваква бројка на возила вклучени во сообраќајот не била регистрирана никогаш претходно во нашата историја, а сите индикатори покажуваат дека и понатаму ќе расте процентот на моторизираност на населението во земјава.

 

 

Според податоците на Царинската управа на Република Македонија, само во првите 6 месеци од 2018 година биле увезени 18.082 возила во земјава. Во најголем дел станува збор за веќе употребувани возила од западноевропските земји. Како резултат на ова, просечната старосна возраст на возилата во Македонија се зголемува, наместо да се намалува. При вакви услови, се зголемува и уделот на сообраќајот во загадувањето на воздухот низ македонските градови.

 

Зголемениот степен на моторизираност на возилата ќе остави најголеми проблеми во главниот град, низ чии улици лани се движеле над 144.000 автомобили. Ваквите бројки треба да загрижуваат, особено ако се земе во предвид фактот дека јавниот градски превоз во континуитет бележи намалување на бројката на превезени патници низ годините. Дополнително, Скопје во изминативе децении нема инвестирано во унапредување на јавниот превоз со воведување на нов вид масовен транспорт, со што индиректно се стимулираат граѓаните да се насочат кон набавка на нови моторни возила.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk