Претходна статија
Архитектката Даница Павловска добитничка на Наградата „13 Ноември“
Следна статија
Кавадарци со приватен партнер сака да ги реконструира спортските објекти

Во скопската железарница ќе се гради нов објект од тешката и загадувачка индустрија?

Објавено на 01.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Без никакви најави и подетална дебата во јавноста, скопската општина Гази Баба го објави огласот за давање под долготраен закуп на 99 години на градежно земјиште сопственост на Република Македонија што се наоѓа во склоп на скопската железарница. Станува збор за огласена парцела со површина од 66.996 метри квадратни и со предвидена површина за градење од 46.897 метри квадратни. На парцелата 1.6 ќе се гради објект од тешката и загадувачка индустрија со максимална развиена површина од 70.346 метри квадратни, којшто ќе има компатибилни класи на намена Д1, Д2, Б4, В2, Г2, Г3 и Г4 до 49% од вкупната површина на идниот објект.

 

 

Деталниот урбанистички план за градската четврт С 17 блок 1 е донесен од општина Гази Баба на 14 март 2017 година. Во самиот ДУП стои дека на огласената парцела ќе може да се изгради објект со висина од приземје и два ката. Како што се наведува во огласот објавен од општина Гази Баба, почетната цена на годишната закупнина на електронското јавно наддавање за оваа градежна парцела ќе изнесува 3.05 денари за метар квадратен, односно 204.337 денари годишно за целото земјиште огласено за давање под закуп.

 

Инвеститорите што имаат интерес да ја градат идната тешка и загадувачка индустрија во рамките на скопската железарница треба да поднесат пријави за учество на електронското јавно наддавање најдоцна до 5 декември. Наддавањето на огласеното земјиште ќе се одржи на 7 декември. Покрај општите услови, општина Гази Баба бара три дополнителни услови од идниот закупец на земјиштето, меѓу кои е и обврската за период од 2 години, сметано од денот на изградбата на стопанскиот објект, да вработи најмалку 150 лица на неопределено работно време, додека во период од пет години да бидат вработени најмалку 250 лица во овој индустриски капацитет.

 

 

Во огласот објавен од општинските власти на ниту едно место не се напоменува кои еколошки критериуми треба да ги задоволи идниот објект од тешката и загадувачка индустрија. Македонската јавност во изминатиов период не беше сведок на ниту една јавна дебата за потребата од проширување на комплексот на скопската железарница. Уште повеќе, објавувањето на огласот од општина Гази Баба доаѓа во период кога македонскиот главен град се соочува со големи проблеми со аерозагадувањето, при што граѓаните и екологистите бараат од надлежните власти да преземат мерки за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk