Претходна статија
Васил Велков победник на архитектонскиот Конкурс за затворен олимписки базен
Следна статија
Сугарески: Општините да аплицираат со проекти за развој на инфраструктурата

Во јули издадени одобренија за изградба на 648 нови станови

Објавено на 11.09.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Огромен раст на бројката на предвидени станови за градење е регистриран во текот на јули 2018 година. Државниот завод за статистика во најновиот извештај информира дека во седмиот месец биле издадени одобренија за градење на 648 станови, со вкупна корисна површина од 53.243 метри квадратни. Споредено со идентичниот период лани, бројката на предвидени станови за градење е тројно зголемена, додека корисната површина на овие живеалишта пораснала за 269,6%.

 

Деловните субјекти успеале да се стекнат со градежни дозволи за 505 нови станови со површина од 34.918 метри квадратни, додека во останатите домови ќе инвестираат физички лица. Најголем интерес во јули 2018 година имало за изградба на трисобни станови (263), а веднаш по нив следат двособните станови (183). Причина за забележителниот раст кај претстојното градење на овој вид недвижности е зголемениот интерес за инвестирање во Скопскиот регион. Имено, општините од овој регион издале градежни дозволи за изведба на 445 нови станови. Притоа, општина Карпош, со 365 предвидени станови за градење во јули 2018 година, предничи на ниво на целата земја.

 

Според податоците на Државниот завод за статистика, во јули 2018 година биле издадени 276 одобренија за градење, што е за 34,6% повеќе во однос на истиот период од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 4.671.709 илјади денари, што е за 200,4% повеќе во споредба со идентичниот период лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 146 (52,9%) се наменети за објекти од високоградба, 39 (14,1%) за објекти од нискоградба и 91 (33%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 276 објекти, на 161 (58,3%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 115 (41,7%) објекти инвеститори се деловни субјекти.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk