Претходна статија
СПА-центар ќе се гради во Кочани
Следна статија
„НБ Компани“ ќе ги реконструира блоковите „В“ и „Г“ на домот „Гоце Делчев“

Во февруари опаднал бројот на планирани станови

Објавено на 11.04.2017 во категорија Вести.

 

Изградбата на нови станови низ македонските општини се одвивала со забавено темпо во текот на февруари годинава. Според информациите на Државниот завод за статистика, локалните самоуправи издале одобрение за градење на 705 станови, што е за 16,9% помалку во споредба со идентичниот период лани. Вкупната корисна површина на идните станови изнесува 72.177 метри квадратни. Од нив, физичките лица ја започнале постапката за изградба на 401 стан, додека деловните субјекти во февруари се стекнале со градежна дозвола за 304 нови станови.

 

Меѓу идните живеалишта, најмногубројни ќе бидат оние со три (259) и со четири соби (159) во рамките на домот. По подолг временски период, Полошкиот регион со 241 предвиден стан за градба во февруари го презема приматот на ниво на Македонија. Општина Гостивар во овој временски период издала градежни дозволи за изведба на 227 станови, а по неа следува скопска Гази Баба со 102 предвидени станови за градење.

 

Според податоците на Државниот завод за статистика, во текот на вториот месец од годинава се издадени 363 одобренија за градење, што е за 8,4% повеќе во однос на истиот период од минатата година. Предвидената вредност на објектите изнесува 6.369.524 илјади денари, или за 8,5% повеќе во однос на идентичниот период лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 265 (73%) се наменети за објекти од високоградба, 25 (6,9%) за објекти од нискоградба и 73 (20,1%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 363 објекти, на 280 (77,1%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 83 (22,9%) објекти инвеститори се деловни субјекти.