Претходна статија
Растат трошоците за изградба на нови домови
Следна статија
Објектот спроти американската амбасада под лупа на СЈО

Владината зграда се ослободува од „барокната“ ограда

Објавено на 05.06.2017 во категорија Вести.

 

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска најави дека ќе се отстрани поставената „барокна“ ограда околу седиштето на владата. Високата препрека за пристап кон објектот ќе биде искористена за изработка на клупи за одморање, но и за тенди за планираните клупи за посетителите на околниот јавен простор. Премиерот Заев најави дека наскоро ќе се ангажираат архитекти кои ќе го изработат новото визуелно решение за околината на објектот лоциран во строгиот центар на Скопје. Со ваквиот потег на извршната власт повторно ќе се овозможи пристап на граѓаните до споменикот посветен на борците за ослободување на Скопје во текот на Втората светска војна.

 

 

„Барокната“ ограда на владината зграда го чинеше државниот буџет над 700.000 евра, кои беа потрошени од претходната влада во текот на 2015 година. Целокупниот проект за изведба на оградата се одвиваше паралелно со внатрешното уредување на канцеларискиот простор во стилот на „Скопје 2014“. Пред целосната промена на пристапот кон јавниот простор, владата на Никола Груевски изведе нова „барокна“ фасада на овој административен објект, без притоа да ја обезбеди неопходната согласност од Петар Муличковски, автор на идејното решение за изградба на објектот на „Це-Ка“.