Претходна статија
Поништен тендерот за изработка на проекти за санација на чаршиите низ градовите
Следна статија
Прво филтри на оџаците, па потоа „Југохром“ ќе го стартува производството

Виена домаќин на архитектонска изложба за повоено Скопје

Објавено на 12.10.2017 во категорија Вести.

 

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски вчеравечер во Виена ја отвори изложбата „Скопје – Архитектурата во македонски контекст“ на архитектите Владимир Десков, Ана Ивановска-Дескова и Јован Ивановски. Овој австриско-македонски проект се реализира на покана од архитектот Адолф Штилер, долгогодишен куратор во престижната виенска галерија Рингтурм, каде што е поставена изложбата. Министерот Алаѓозовски на отворањето на изложбата се осврна на архитектонското наследство на градот од отоманскиот период кое сега е заштитено културно наследство, како и на трансформациите што Скопје ги доживеа со катастрофалниот земјотрес од 1963 година, но и со т.н. проект „Скопје 2014“.

 

*Извор на фотографии: Министерство за култура

 

„Говориме и за втора катастрофа што го зафати Скопје, овој пат не од природни, туку токму од квазиградителски односно квазикултурни причини – контроверзниот ‘проект’ – Скопје 2014, кој што значително го измени не само архитектонскиот лик на градот, туку ги вознемири и подели граѓаните, ги смени нивните навики, ја збриша меморијата на градот. Овој контроверзен ‘проект’ на дело докажа колку и архитектурата, кога е во погрешни раце, може да биде убиствена за градот“, оцени министерот Алаѓозовски. Воедно, тој упати покана за возвратна изложба за Виенскиот архитектонски контекст во некој од скопските културни простори.

 

Поставката изложена во Виена има фокус на архитектонското наследство на Модерната во Скопје, во периодот од 1945 до 1991 година. Авторите на изложбата велат дека побудениот интерес за модерната архитектура во Скопје доаѓа по периодот кога вниманието на домашната и на светската јавност е насочено кон контроверзниот проект „Скопје 2014“. Изложбата „Скопје – Архитектурата во Македонски контекст“ е проследена со монографија во која се поместени 37 архитектонски градби избрани по пат на внимателна класификација.