Претходна статија
Потпишан договор за изградба на кејската улица „Гоце Делчев“ во Оризари
Следна статија
СДСМ: Уставниот суд да ја укине владината одлука за МОБ, ГТЦ и НУБ

Уставен суд: МОБ, ГТЦ и НУБ не се објекти од посебен интерес за државата

Објавено на 05.04.2017 во категорија Вести.

 

Уставниот суд на денешната седница одлучи да поведе постапка за испитување на уставноста на членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, која што лани беше поднесена од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“. Одлуката доаѓа по минатогодишниот владин потег за прогласување на зданијата на Македонска опера и балет, Народно-универзитетска библиотека и Градски трговски центар за објекти од посебен интерес, со што се одзеде надлежноста на општина Центар за издавање на одобренија за градење и преземање на други мерки во однос на нивното идно опстојување во градот.

 

 

Највисоката судска инстанца во земјава ќе ја испитува уставноста на членот 50 од законот, според кој, извршната власт, без никакви критериуми по своја желба, волја, потреба и вкус, би можела да го менува изгледот на овие објекти од центарот на Скопје. Уставниот суд изрече привремена мерка, со која е забранета примената на овој член во натамошниот период до донесувањето на конечната одлука на уставните судии. Од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ денеска искоментираа дека станува збор за убава вест.

 

Извршната власт во текот на јули 2016 година донесе одлука за утврдување на градби од посебен интерес за изработка на урбанистичко-планска документација, со која беа опфатени објектите на Македонската опера и балет, Градскиот трговски центар и Народно-универзитетската библиотека. Со таквиот потег, Министерството за транспорт и врски ја доби можноста самото да издава одобренија за градење при евентуална доградба, адаптација или надградба на трите објекти лоцирани во центарот на Скопје.