Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Се издигнува „барокниот“ објект на АДСДП кај МОБ
Следна статија
Новиот Луна парк во Скопје ќе го гради Жикол

Турски „Лимак“ пушти глас, но не одговори во целост за комплексот кај Старата железничка станица

Објавено на 09.08.2016 во категорија Вести.

По четири и пол години од купување на атрактивното земјиште, турската компанија „Лимак“ излезе со делумни информации за изградбата на подземната сообраќајница и големиот надземен комплекс позади Музејот на град Скопје. Во денешното соопштение не беа објавени визуелизации од идниот комплекс, за кој градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски пред една година предупреди дека може да бидат во „барокен“ архитектонски стил. Турски „Лимак“ денеска не посочи кога точно ќе ја почне изградбата на комплексот, ниту пак дали ќе ја испочитува 2017 година како краен рок за завршување на сите надземни и подземни објекти.

 

 

 

Меѓу планираните зафати, турски „Лимак“ денеска посочи дека постоечката зградата на Музејот на град Скопје е предвидено да се возобнови од градските власти, која требало да биде „умешно вградена“ во планираниот комплекс од околу 300.000 метри квадратни. Што точно е предвидено да се прави со овој објект е непознато, но информациите на „Билд“ говорат дека Старата железничка станица не е повеќе значајно културно наследство на нашата земја. Управата за заштита на културното наследство во јуни 2015 година донела Решение за промена на решението за прогласување на овој симбол на Скопје за значајно културно наследство.

 

Според денешното соопштение на „Лимак“, изготвениот проект го поминал периодот на планирање, кој треба да го спои симболот на градот – Старата железничка станица со модерните потреби и животни навики на граѓаните на Скопје. Целокупниот комплекс над земја ќе вклучува околу 1.000 станови во згради од 20 ката со по 1, 2 или 3 спални соби, објекти со канцелариски простор, трговски центар, хотел, простор за слободни културни активности каде ќе биде сместен Музејот, а во рамки на комплексот ќе има и угостителски објекти, фитнес центар, казино и паркинг со капацитет за околу 2.000 автомобили.

 

Како дел од комплексот, од „Лимак“ потврдуваат дека под земја ќе ја градат сообраќајницата со шест коловозни ленти во двете насоки. Инфраструктурното здание ќе се протега во должина од 800 метри и ќе се надополни со два кружни тека, кои ќе бидат изведени на излезите од тунелот – местото на постоечкиот Парк на новинари кај НИП „Нова Македонија“ и од спротивната страна кај Стара рампа.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk