Претходна статија
Потпишан последниот договор за изградба на пречистителната станица во Кочани
Следна статија
Втор дел од реконструкцијата на улицата „Питу Гули“ на Водно

Туристичка Трпејца ќе почека за ветената фекална канализација

Објавено на 16.01.2017 во категорија Вести.

 

И во 21 век, охридскиот туристички бисер Трпејца сè уште нема фекална канализација. Наспроти долгогодишното ветување за решавањето на проблемот со отпадните води, Министерството за животна средина и просторно планирање го поништи тендерот за изградба на фекалната канализација со пречистителна станица во ова населено место. „Договорниот орган не може да изврши избор на најповолна понуда поради битни повреди на Законот за јавните набавки согласно со член 210 од Законот“ се наведува во образложението објавено од Бирото за јавни набавки. Поништениот тендер беше распишан во јули 2016 година.

 

Според податоците од поништениот тендер, вредноста на проектот се проценува на околу 1,1 милиони евра. Ветувањата на властите беа дека фекалната канализација ќе се изгради најдоцна до 2017 година. Граѓаните од ова населено место со децении го очекуваат решавањето на инфраструктурниот проблем, кој во изминативе три години беше најавен за решавање во неколку наврати. Селото Трпејца се наоѓа на крајбрежјето на Охридското езеро, во зона во која би требало да биде заштитен биодиверзитетот во самото езеро.