Претходна статија
„Урбан инвест“ ќе го гради „барокниот“ парк Жена борец
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: „Озон“ ја привршува Палатата на Зевс од „Скопје 2014“

Црквата „Св. Илија“ во Дојран готова до ноември, догодина ќе се гради наколна населба

Објавено на 05.08.2016 во категорија Вести.

Обновената црква „Св. Илија“ во Дојран ќе биде отворена на 5 ноември – денот на Општина Дојран. По неколку години минати во реконструкција, големиот верски објект од средината на XIX век повторно ќе прерасне во симбол на градот. Надлежен за обновата на црквата е Заводот и музеј Струмица, а сите фази од реконструкцијата ги финансираше Министерството за култура со околу 6 милиони денари. Најпрво се реализирани археолошки истражувања, а потоа е спроведена конзервација и реставрација на објектот. Во претстојниот период е потребно да се постават прозорци и врати. Црквата „Св. Илија“ е изградена во 1848 година и истата била срушена за време на Првата светска војна.

 

 

 

 

Надлежното министерство во моментов реализира уште три проекти во Дојран – археолошки истражувања на локалитетот Мрдаја, обнова на турскиот амам и на Саат-кулата во градот. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска најави и изградба на наколна населба во Дојранското езеро. Истата е откриена пред четири години во месноста Мрдаја и ќе се реконструира во центарот на Дојран.

 

„Ние продолжуваме со овој значаен проект, се работи за наколна населба во Дојранското езеро која, врз основа на пронајдените наоди, се планира да се реконструира наредната година, и тоа е во програмата на Владата. Тоа ќе биде интересен и значаен проект – ќе претстави наколна населба – куќички од доцно бронзено време. Ќе биде туристичка атракција за сите посетители“ рече министерката Канческа-Милевска.