Претходна статија
Догодина ќе се доврши изградбата на пругата Битола - Кременица
Следна статија
Карбинци и Кучичино добија пречистителни станици за отпадни води

Цела година доцни изградбата на булеварот Х.Т. Карпош во општина Бутел

Објавено на 22.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Повеќе од две години се гради, а речиси една година доцни изградбата на првата фаза од булеварот Христијан Тодоровски Карпош во скопската општина Бутел. Трасата на потегот од крстосницата со булевар Босна и Херцеговина до крстосницата со улицата Натанаил Кучевишки не е отворена за сообраќај, иако последниот рок за завршување на проектот беше крајот на оваа година. Од Град Скопје денеска за „Билд“ не дадоа одговор на прашањето кога ќе биде пуштена во употреба оваа траса и кои се причините за доцнење на градежните работи.

 

 

Трасата во должина од 1.000 метри е првата фаза од проектот за изградба на булеварот Христијан Тодоровски Карпош. Изминатово лето се одвиваа активностите за асфалтирање на оваа сообраќајница, но инфраструктурниот проект не беше пуштен во употреба во текот на изминатава есен. Булеварот е со ширина од 40 метри, со шест сообраќајни ленти и велосипедски патеки од двете страни на патот. Градежните работи на овој проект започнаа на 5 декември 2015 година.

 

Изградбата на булеварот Христијан Тодоровски Карпош е многу важна за растеретување на сообраќајниот метеж што се создава на улицата Бутелска. Оваа сообраќајница е единствената врска на десетици илјади жители од северниот дел на Скопје кон центарот на градот. Уште поважна е изведбата на втората фаза од оваа сообраќајница, на потегот од крстосницата со улицата Натанаил Кучевишки до клучката со скопската обиколница, за која нема прецизен датум кога ќе почне да се гради.

 

 

» Форумска дискусија за булеварот Христијан Тодоровски Карпош

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk