Претходна статија
Почна реконструкцијата на коловозот на улицата Ѓорче Петров
Следна статија
Две згради на булевар „Св. Климент Охридски“ со нови фасади

Цаноски бара судска разрешница за случајот „Космос“

Објавено на 25.04.2016 во категорија Вести.

Инвеститорот во објектот „Космос“ Фијат Цаноски денеска повика на судска разрешница на случајот за рушење на неговата зграда од страна на општина Гази Баба. Цаноски ги повика Никола Груевски, Миле Јанакиески и градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, како и другите обвинети или аболицирани лица, да се појават пред судските органи и низ судски процес да се докаже вистината. „Граѓанинот Ѓорѓе Иванов за мене не е претседател бидејќи како што имавме прилика да дознаеме, преку низата таканаречени „бомби“ што ги објави опозицијата, бил избран на нелегитимни избори. Ако е тој толку праведен, нека ја повлече одлуката за аболиција, за да можам јас и аболираните чии имиња ги дознавме од случајот „ТНТ“ на СЈО да се видиме на суд“, изјави Фијат Цаноски.

 

 

 

Инвеститорот во објектот „Космос“ денеска ја одржа својата прес-конференција пред просториите на скопската општина Гази Баба. Цаноски ја објасни ваквата одлука со фактот дека токму општинските власти ја спровеле владината желба за уривање на станбениот комплекс „Космос“. Уривањето на станбениот објект започна на 1 август 2011 година, со објаснување на општина Гази Баба дека зградата е вон рамките на проектот со кој е добиено одобрение за градба.

 

Градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски денеска одржа прес-конференција на оваа тема. Според него, законското постапување на локалната самоуправа може да се докаже во било каква правна постапка. „Повеќе пати во судските постапки Управен суд и Виш управен суд, како и со решение од Уставен суд, сме ја докажале нашата законска постапка во случајот Космос. Ќе ја искористам секоја правна можност согласно Законот и Уставот уште еднаш да докажам дека законски се постапуваше“ рече градоначалникот Трајковски. Тој воедно додаде дека целата постапка била докажана девет пати во Управен суд и девет пати пред Вишиот управен суд, дополнувајќи дека е подготвен за ново судско соочување во врска со овој проект.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект