Претходна статија
Електричен автобус од денеска ќе сообраќа на линијата со број 15
Следна статија
Заврши реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“ низ Карпош 1 и 2

Траорна слика – во целост е уништена спортската сала „Партизан“ во Карпош 3

Објавено на 04.05.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Додека владата и општинските власти спијат, градежната мафија и вандалите непрестано работат. За неполни 10 месеци во целост е уништена спортската сала „Партизан“ во скопската населба Карпош 3. Сликата на терен е траорна – вратите се обиени, прозорците се искршени, дел од ѕидовите се срушени и голем дел од спортската опрема е откорната или украдена. За многу кратко време целокупниот објект е претворен во депонија, отворајќи со тоа директен сомнеж дека некој намерно и на сила го уништува ова спортско здание.

 

 

Планира ли некој да гради висококатница на местото на салата „Наум Наумовски – Борче“? Ова прашање се почесто си го поставуваат жителите од околните станбени згради, коишто пред една година се самоорганизираа во иницијативата „Да го вратиме Партизан на граѓаните“. И покрај тоа што новото општинско раководство од Карпош во предизборната програма вети дека годинава ќе почне реконструкцијата на оваа спортска сала, на терен никој не се грижи за донираниот објект од Франција по скопскиот земјотрес.

 

 

Низ годините се нижат ветувања за заштита на некогашното спортско катче, но во реалноста некој се обидува во целост да ја уништи спортската сала „Партизан“. Во 2014 година беше изготвен и акциски план за реновирање на ова здание, за што спортскиот центар „Борис Трајковски“ потроши 277.300 денари за изготвување на неопходната документација. Но, наместо да се реконструира, претходната влада пред четири години се откажа од управувањето на ова спортско здание, со што истото остана без чуварска служба и неопходното одржување на внатрешните простории.

 

 

Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ е изградена во 1969 година, како донација на француската влада по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Објектот во подоцнежниот период е доопремен, по што постана еден од ретките објекти за спортска рекреација на жителите од општина Карпош.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk