Претходна статија
ОСВРТ: Архитектонската фела се прости од доајенот Славко Брезоски
Следна статија
АД „Карпош“ ја зголемил добивката од работењето во 2016 година

Тодор Александров ќе дојава со нов студентски дом во Карпош 1

Објавено на 13.03.2017 во категорија Вести.

 

Техничката влада на премиерот Емил Димитриев планира да гради нов студентски дом на влезот во Градскиот парк во скопската населба Карпош 1. Владината служба за општи и заеднички работи денеска го распиша Конкурсот за избор на идејно архитектонско решение за изградба на нов студентски дом „Тодор Александров“. Идната зграда со приземје, пет ката и поткровје ќе се гради на булевар „Илинден“ спроти средното училиште „Орце Николов“. Објектот ќе се гради на парцела со површина од 2.872 метри квадратни, која е во сопственост на државата. Студентскиот дом „Тодор Александров“ е замислено да се простира на површина од 10.073 метри квадратни, покажуваат податоците објавени од Бирото за јавни набавки.

 

 

Заинтересираните архитекти и проектантски бироа се должни да ги достават своите трудови најдоцна до 15 мај. Владината служба за општи и заеднички работи ќе додели една награда и два откупа за најуспешните архитектонски дела, и тоа: прва награда во вредност од 500.000 денари, прв откуп во висина од 350.000 денари и втор откуп во износ од 250.000 денари. Имињата на членовите на жирито што ќе одлучуваат околу изборот на идејното решение не се објавени. Меѓу зададените критериуми за избор на најдобро рангиран труд се условите за надворешно обликување во склад со намената на објектот и постигнување на функционалност и просторна структуираност на објектот.

 

Идејата за изградба на нов студентски дом во скопската општина Карпош беше обелоденета од поранешниот премиер Никола Груевски во текот на ноември 2015 година. Според неговите тогашни најави, студентскиот дом „Тодор Александров“ би имал капацитет да прими околу 500 студенти.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk