Претходна статија
Продолжува акцијата за асфалтирање на оштетените улици во село Инџиково
Следна статија
Општина Центар ја сопре изградбата на улица на кејот кај ГТЦ

Тензично на почетокот на изградбата на улица на Кеј „13 Ноември“

Објавено на 18.03.2017 во категорија Вести.

 

Започна изградбата на надземната улица на Кејот „13 Ноември“, која е предвидено да се протега од хотелот „Холидеј ин“ до новата зграда на „Телеком“. Трасата минува пред летните тераси на угостителските објекти, што денеска доведе до расправии и дофрлувања меѓу вработените на фирмата-изведувач на работите и на вработените во угостителските објекти. Градот Скопје деновиве не излезе со ниту една информација за реализација на овој зафат, иако се наоѓа во строгиот центар на Скопје. Со своја реакција денеска се јави Саша Богдановиќ од СДСМ.

 

 

Тој изјави дека СДСМ и општина Центар се против изградбата на пристапната улица кон зградата на „Телеком“, истакнувајќи дека во изминатиов период успеале законски да ги сопрат градежните работи. Со измени во законот, Градот Скопје им ги одзел ингеренциите на општина Центар, по што повторно е продолжена постапката за изградба на надземната улица. „Во понеделник договоривме заедно со советниците на општина Центар, вонредна седница, со којашто ќе ги преземеме сите законски мерки со коишто ќе спречиме да продолжи изградбата на оваа криминална улица“ изјави Саша Богдановиќ. Од СДСМ повикаа Градот Скопје да го повлече одобрението за градење. Општина Центар планира да преземе соодветни мерки како одговор на почетокот на градежните работи, посочувајќи дека последиците ќе ги сноси инвеститорот и градските власти.

 

Саша Богдановиќ најави дека е можно да се гласа за отфрлување на важечкиот урбанистички план за оваа локација, со што повторно ќе го вратат ДУП-от со кој е предвидена подземна улица. Богдановиќ додаде дека идната катна гаража кај објектот на „Телеком“ засега нема добиено одобрение за градење, најавувајќи дека соодветно ќе се реагира и на таквиот чекор. Паралелно со изградбата на надземната улица од приватниот инвеститор, Градот Скопје деновиве го распиша тендерот за партерно уредување на преостанатиот дел од Кејот „13 Ноември“. Градската власт ги очекува понудите од градежните компании до 23 март, по што ќе следуваат изведбените работи и на преостанатиот дел од ова шеталиште.

 

Од Градот Скопје денеска реагираа на информациите од СДСМ. Тие велат дека градската власт не ја вцртала оваа улица во урбанистичкиот план и не е таа што ќе ја гради. „Градот Скопје, врз основа на валиден документ, детален урбанистички план, кој е донесен од општина Центар, е законски обврзан да издаде градежна дозвола за тоа“ велат од Град Скопје. Тие дополнуваат дека улицата се гради од приватен инвеститор врз основа на траса предвидена со урбанистичкиот план.

 

Градската администрација посочува дека тие може да бидат тужени од страна на инвеститорот ако не ја издадат градежната дозвола. „Градот Скопје нема надлежност да носи детални урбанистички планови, тоа го прават општините, но ние како институција сме обврзани да работиме согласно истите. Исто така, сакаме да потенцираме дека Градот Скопје нема никаква надлежност врз градежната инспекција“ соопштуваат тие.

 

За изградба на надземната улица е подготвена проектна документација од страна на „Чакар партнерс“. Финансиите за градежните работи ќе ги обезбеди фирмата „Дивелоп Груп“. Со улицата ќе се поврзе зградата на „Телеком“ со улицата Филип Втори, но останува отворено прашањето дали сообраќајницата ќе биде изградена и за предвидената катна гаража на локацијата зад објектот на „Телеком“.