Претходна статија
За девет месеци Бутел ќе добие ново основно училиште
Следна статија
Студенчишко блато во опасност од идејата за изградба на марина на Охридското езеро

Тендерот за пругата Бељаковце – Крива Паланка до крајот на годинава

Објавено на 25.09.2014 во категорија Вести.

Недовршени тунели на пругата Бељаковце - Крива Паланка (извор: Физибилити студија за Коридорот 8 – Источна делница)Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) деновиве објави известување до сите заинтересирани набавувачи, изведувачи и консултанти дека тендерот за изградба на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка, заедно со повикот за консултантски услуги за супервизија на работите, ќе биде објавен во последниот квартал од 2014 година. Од ЕБРД посочуваат дека МЖ – Инфраструктура ќе го искористи нивниот кредит во висина од 140 милиони евра за да ја рехабилитира и догради пругата во должина од 34 километри. Со овој чекор, треба да започне реализацијата на втората фаза од изведбата на Коридорот 8, проект со кој Македонија и Бугарија треба да се поврзат со железничка линија. Новоста пред неколку дена ја најави и македонскиот премиер Никола Груевски, за време на неговата посета на општина Крива Паланка.

 

Во меѓувреме, германската компанија „Вибе“ веќе ги започна активностите за реконструкција на пругата од Куманово до Бељаковце, градежен зафат кој треба да биде комплетиран до 2016 година. Во наредниот период треба целосно да се рехабилитира трасата во должина од 30,8 километри, на која не поминал воз од почетокот на 90-те години на минатиот век. Периодов активно се работи и на третата фаза од овој проект, која предвидува изведба на пруга од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. За оваа најтешка делница од проектот во моментов се подготвува проектната документација, по што ќе следува и потрагата по финансиски средства за нејзино остварување. Оваа пруга во должина од 24 километри е планирано да чини околу 360 милиони евра.

 

» Форумска дискусија за железничкиот Коридор 8

 

 

Бојан Блажевски