Претходна статија
ЕУ и УНДП ќе ја штитат македонската природа со 4,3 милиони евра
Следна статија
Наскоро ќе стартува проширувањето на градинката „Буба Мара“ во Ново Лисиче

Тендерот за дистрибутивната гасоводна мрежа во земјава ќе биде поништен

Објавено на 12.07.2017 во категорија Вести.

 

Новата влада ќе ги поништи распишаните тендери за гасификација на македонските општини. На вчерашната владина седница била разгледана и усвоена информацијата за тендерската постапка за доделување на договори за јавно – приватно партнерство за финансирање, одржување и развивање на дистрибутивен систем на природен гас во Скопскиот регион, Источна и Западна Македонија. Телевизија „Алсат“ јавува дека на тендерот пристигнала само една понуда, така што законот налага поништување на тендерот. Слабиот интерес на инвеститорите е и поради фактот што тековниот тендер го објави претходната влада на премиерот Емил Димитриев, која беше техничка и задолжена единствено за спроведување на изборите.

 

 

Извршната власт во наредниот период ќе треба да одлучи во кој правец ќе се развива дистрибутивната мрежа низ македонските општини. Социјалдемократите во изминативе години силно го поддржуваа развојот на гасоводната мрежа на општините од страна на самите локални самоуправи. Десетици километри од дистрибутивната мрежа се изградени во Куманово и Струмица, а тамошните јавни претпријатија ја вршат дистрибуцијата на природен гас до крајните корисници. За разлика од владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ сакаше гасификацијата на градовите да ја даде на приватен партнер, кој би управувал со снабдувањето со природен гас до граѓаните и компаниите во населените места.

 

Поништените тендери од сегашната влада предвидуваа поделба на целата земја на три региони, за кои е потребно изнаоѓање на приватен концесионер. Инвеститорот требаше да изгради околу 900 километри гасоводна мрежа низ општините и да инвестира над 244 милиони евра во инфраструктурата, но и да го собира сиот приход од дистрибуцијата на природен гас до крајните корисници. За разлика од претходната власт, постојната извршна власт во владината програма ветува изградба на магистрални гасоводи до самите општини, приклучување кон проектот ТАП и поврзување со преносните системи на Бугарија и Грција.

 

 

» Форумска дискусија за гасификацијата

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk