Претходна статија
Нови автобуси за ЈСП-Скопје најдоцна за една година
Следна статија
На 5 февруари стручен семинар „Урбанизмот во Македонија низ делата на архитект Рафаил Влчевски“

ТЕМА: Скопскиот аеродром лани со најголем процентуален раст на авиосообраќајот на Балканот

Објавено на 29.01.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Меѓународниот аеродром Скопје лани доживеал најголем процентуален раст кај бројката на превезени патници во споредба со останатите аеродроми на главните градови лоцирани на Балканот. Ваквата позитивна вест доаѓа само неколку дена по објавувањето на официјалните податоци на македонскиот Државен завод за статистика, кои посочуваат дека низ портите на овој аеродром во 2018 година минале 2.152.746 патници. Вклучувајќи ги и бројките на транзитирани патници, услугите на главниот македонски аеродром лани ги користеле 2.158.258 патници, што е за 15,5% повеќе во споредба со претходната година.

 

 

Сличен процентуален раст е забележан и кај аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а наголемувачкиот тренд на превезени патници се очекува да продолжи со најновите авио дестинации што ќе треба да ги воведе унгарската нискобуџетна компанија „Визер“ веќе претстојната пролет. Охридскиот аеродром годинава се очекува да ја надмине бројката од 200.000 превезени патници, додека леталиштето во Скопје се очекува да оствари успешна година со минимум 200.000 дополнителни патници во однос на минатогодишната бројка.

 

Позитивниот развој на воздухопловниот превоз во Македонија е воедно и идентична карактеристика на останатите водечки аеродроми на Балканскиот Полуостров. Најспектакуларно е зголемувањето од 11% на авиосообраќајот кај атинскиот аеродром, кој лани успеал да привлече над 24,1 милиони патници. Забележителен раст бележи и приштинскиот аеродром „Адем Јашари“, којшто лани го искористиле за патување над 2,1 милиони патници, односно е забележан процентуален раст од 14,6% во однос на 2017 година. И аеродромот „Мајка Тереза“ во Тирана во 2018 година доживеал зголемување на бројката на патници за 12%, односно од албанскиот главен град се превезле вкупно 2.947.172 патници.

 

Идентично како и во минатите години, на бугарските аеродроми е регистрирано зголемување на бројката на превезени патници. Леталиштето во бугарската метропола Софија забележало раст во авиосообраќајот од 7,3%, што значи дека биле превезени 6.962.040 патници. Зголемување од 15,8% е забележано кај аеродромот во Варна, кој успеал да опслужи вкупно 2.281.136 патници. Низ портите на аеродромот во Бургас минале 3.277.229 патници, што претставува зголемување од 9,9% во споредба со 2017 година.

 

Статистичките бројки покажуваат извонредни резултати и од работењето на аеродромите во Црна Гора. Ависообраќајот во оваа земја забележува раст кај двата нејзини аеродроми, со процентуално зголемување од 14,5% кај Подгорица (1.208.525 патници) и од 10,3% кај Тиват (1.245.999 патници). Меѓу земјите од поранешна Југославија, традиционално најголемата бројка на патници е регистрирана на белградскиот аеродром „Никола Тесла“. Воздухопловните власти пресметале 5.641.105 патници што минале низ неговата терминална зграда, односно за 5,6% повеќе во однос на претходната година. Кај нашиот јужен сосед, аеродромот „Македонија“ во Солун за патување го користеле 6.689.193 лица, што е за 7% повеќе споредено со 2017 година.

 

Убедливо најголем број на превезени патници веќе неколку години наназад имаат аеродромите во турскиот град Истанбул. Извештаите на статистичарите покажуваат стабилен раст на превезени патници на романските аеродроми, со исклучок на надолниот тренд на транспортирани патници од аеродромот во Темишвар. Наспроти него, хрватските аеродроми и минатата година доживеале стабилен раст, а посебно внимание треба да се обрне на фактот дека аеродромот во Сплит со своите над 3,1 милиони патници му се приближува на леталиштето „Фрањо Туџман“ во Загреб, низ чии порти минале над 3,3 милиони патници.

 

За разлика од минатите години, речиси и да не постои позначаен аеродром на Балканот што остварил негативно придвижување кај бројката на превезени патници. Растечкото присуство на нискобуџетните компании, одливот на работници во странство, зголемените патувања на граѓаните од овие земји, надополнети со константниот раст на туристите, гарантира нова рекордна година за аеродромите од овој дел на Европа и во претстојната 2019 година.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk