Претходна статија
Град Скопје ќе работи на проект за реконструкција на улицата „Февруарски Поход“
Следна статија
Втор тендер за изградба на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2

ТЕМА: Пропаѓаат донираните објекти за Скопје по земјотресот од 1963 година

Објавено на 14.08.2017 во категорија Вести.

 

По најавата за рушење на постојниот објект на Драмскиот театар и актуелизацијата на иницијативата „Нека победи Партизан“, се поставува прашањето за тоа во каква состојба се наоѓаат објектите донирани од десетици земји по скопскиот земјотрес од 1963 година. Кратка прошетка низ градот околу повеќето објекти е доволна за да се согледа заборавениот дискурс на Скопје како град на меѓународната солидарност. Мостот „Гоце Делчев“, кој е дониран од француската влада, претставува искоренет модернизам под налетот на проектот „Скопје 2014“.

 

*Спортска сала „Партизан“ во Карпош 3 (Франција)

 

Спортската сала „Партизан“, која исто така е донирана од Франција, не функционира веќе една деценија наназад и е оставена на забот на времето. Грчката влада по земјотресот ја донирала спортската сала „Кале“, но се чини дека овој објект не е реконструиран во периодот по неговата изградба. Оваа сала нема климатизација во летниот период, додека мака мачи со греењето во текот на зимата. Во центарот на Скопје е лоцирано и училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ проектирано од познатиот швајцарски архитект Алфред Рот, а изградбата е финансирана од Швајцарската влада. Од средината на 60-тите години на минатиот век до денешен ден, во овој објект не е извршена темелна санација на целото здание.

 

*Драмски театар (Велика Британија) и училиште „Песталоци“ (Швајцарија)

 

Скопјани имаат најдлабоки сеќавања за објектот на Универзалната сала, која претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја преименува во Конгресен центар Александар Македонски. Ова репрезентативно здание е затворено за посетителите повеќе од две и пол години. Универзалната сала е најголемиот симбол на Скопје како град на меѓународната солидарност, ако се земе во предвид дека нејзината изведба ја финансирале 35 земји од светот. Оштетувањата на покривот беа официјалната причина за затворање на ова здание, иако негрижата за објектот може да се забележи и однадвор. Шараниците на фасадата и запуштеноста на партерното уредување даваат целовит приказ за состојбата во која се наоѓа Универзалната сала денес.

 

*Спортска сала „Кале“ (Грција) и Универзална сала (донација од 35 земји од светот)

 

Објектот на Драмскиот театар е уште еден од објектите кои се наоѓаат пред исчезнување. Претходното раководство на Министерството за култура го потпиша договорот за изградба на новата театарска зграда на местото на сегашниот објект, иако постојат алтернативни локации за градба во непосредна близина. Објектот-лепенка на Драмскиот театар е девастиран веќе неколку децении наназад, иако станува збор за здание од цврста градба. Надворешниот изглед исполнет со шкртаници не ветува дека оваа театарска зграда се наоѓа во задоволителна состојба.

 

Многу од објектите донирани по земјотресот од 1963 година веќе се срамнети со земја или напуштени од сопствениците. Детската болница во Козле, некогашните бараки на училиштето „Ј.А. Коменски“ во Тафталиџе и Детскиот рекреативен центар на Водно се одамна избришани од мапата на Скопје, додека културниот дом во Драчево и Гинеколошко-акушерската болница „Чаир“ се наоѓаат во незавидна состојба.

 

Од друга страна, бројката на донирани објекти што се реконструирани и добро одржувани е многу мала. Музејот на современа уметност (проект дониран од Полска), гимназијата „Георги Димитров“ (Бугарија), поликлиниката „Букурешт“ (Романија) и детската градинка во населбата Карпош 2 (Западна Германија) се едни од ретките градби кои барем навидум заличуваат на одржувани објекти.

 

Многу од објектите донирани од странски земји во сиот овој изминат пат на национализам во годините наназад ги имаат изгубено плочите со кои се изразуваше благодарноста на Скопјани кон земјите кои помогнаа да се издигне од пепел нивниот град. Ваквите плочи во некои објекти се избледнети, исто како што е исчезнато и колективното сеќавање на жителите на овој град за пост-земјотресната обнова. Претходната владејачка гарнитура не успеа да вложи ниту денар во промоцијата на Скопје како меѓународен град на солидарноста. Во главниот град денес не постои ниту еден патоказ кој ги потсетува граѓаните (домашни и странски) за објектите кои беа подарени од целиот свет на разурнатиот град.

 

Конечно, и по повеќе од пет децении од катастрофалниот земјотрес ниту една установа или јавна личност не смогна сили да се праша зошто не е изграден Музеј на меѓународната солидарност во Скопје. По уништувањето на вредната документација од бараките на Заводот за урбанизам и по лудилото наречено „Скопје 2014“ во центарот на градот, можеби е време да си го поставиме и ова прашање.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk