Претходна статија
Со пари од ЕБОР ќе се модернизираат патарините на Коридор 8
Следна статија
ЈСП - Скопје лани со 1,5 милиони патници помалку во однос на 2017 година

ТЕМА: Намалена бројката на нови станови низ целата земја, ќе има ли зголемување на нивната цена?

Објавено на 16.02.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По неколкугодишниот скок на бројката на предвидени станови за градење, македонскиот пазар на недвижности лани за првпат се соочил со спротивни резултати. Годишните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека македонските општини во 2018 година издале одобренија за градење на вкупно 7.248 станови со вкупна површина од 564.995 метри квадратни. Во споредба со 2017 година, бројката на предвидени станови за градење е намалена за 8,7%, односно преклани биле регистрирани вкупно 7.939 живеалишта за кои се издадени градежни дозволи.

 

 

Статистичките податоци за намалување на инвестициите во овој вид недвижности во Македонија се однесува и за индивидуалните куќи и за становите во колективните згради. Идентично како и претходните години, интересот за вложување во нови станбени единици е насочен првенствено во скопскиот регион. Општините Аеродром, Карпош, Кисела Вода и Центар остануваат да бидат со најголем број на издадени одобренија за изградба на нови живеалишта.

 

Бројките покажуваат дека најатрактивни за купувачите се двособните и трисобните станови, за чија изградба и во 2018 година се одобриле најмногу градежни дозволи. Во оваа бројка влегуваат новите станбени единици во кои инвестираат физички лица, но и деловните субјекти од градежниот сектор. Намалувањето на градежната активност во делот на идните домови се должи првенствено на мораториумот на градење во општина Центар, но и на поништените или оспорени детални урбанистички планови во останатите две локални самоуправи каде што најмногу се гради – Карпош и Аеродром.

 

Македонските градежни компании, но и агентите за недвижности, веќе предупредија дека намалената активност за изведба на нови станбени единици може да доведе до зголемување на цената на живеалиштата, особено во главниот град. Вториот индикатор што може да донесе позначителен раст кај цената на становите во 2019 година е пристапувањето на Македонија во НАТО, која што во случаите на нашите соседни земји придонесе за зголемување на вредноста на недвижностите на тамошните пазари.

 

Опаѓачкиот број на предвидени станови за градење се очекува да ја намали и бројката на слободни станови што се нудат за изнајмување или продажба на македонскиот пазар. Во делот на нивната вредност, податоците на Народната банка на Република Македонија за првите три квартали од 2018 година покажуваат континуирано зголемување на цената на становите во Скопје. Издадените одобренија за градење во 2018 година се однесуваат првенствено за становите што се започнати или допрва ќе почнат да се градат, но доколку опстои постојното опаѓање на понудата, речиси е сигурно дека таа би можела да предизвика позначително зголемување кај цената на становите. Не треба да се занемари ниту фактот што предвидените станови за градење лани имаат за дури 100.000 метри квадратни помала површина споредено со оние од 2017 година.

 

Од деловните компании во секторот високоградба во неколку наврати посочија дека намалената градежна активност влијае негативно на нивните финансиски резултати, но и на севкупниот раст на македонската економија. Неделава и агентите за недвижности предупредија дека растот на цената на станови ќе постане неминовен, доколку не се придвижат активностите околу подигањето нови живеалишта. А со тоа, можноста на граѓаните за купување нов дом ќе се намалува, а паралелно со тоа, би можеле да растат и месечните закупнини на недвижностите.

 

Останува македонските општини, особено локалните самоуправи од Скопје, да го пронајдат вистинскиот баланс помеѓу барањата на граѓаните и екологистите за средување на урбанистичкиот хаос наспроти молбите на градежниците за продолжување на забрзаната изградба на нови станови. Податоците на Државниот завод за статистика за изминатава деценија покажуваат дека бројката на предвидени станови за градење за кои се издаваат градежни дозволи варирала од 5.000 до 8.000 станбени единици годишно.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk