Претходна статија
Успешно реализиран проектот „Build Up Skills - BEET“
Следна статија
Во април ќе стартува изградбата на современ Бит - пазар

ТЕМА: Изградбата на нови станови – атрактивна цел на инвеститорите во 2015 година

Објавено на 13.02.2016 во категорија Вести.

Подигањето на нови живеалишта повторно зема земав во Македонија. Локалните самоуправи само во текот на минатата година издале одобренија за градење на 6.174 станови, со вкупна корисна површина од 495.244 метри квадратни. Станува збор за предвидени станови што допрва ќе се градат во форма на индивидуални куќи, но и згради за колективно живеење. Според збирните податоци од Државниот завод за статистика, скопскиот регион во 2015 година и понатаму останал најатрактивна локација за вложување во нови живеалишта, а општините Аеродром, Центар и Карпош го одржуваат вниманието на физичките лица и на градежните компании за инвестирање во овој сектор на недвижности.

 

 

 

Оптимизмот за национален раст во изградбата на нови станови не спласнува, ако се земат во предвид статистичките податоци од претходните години. Убедливо најлоша за вложување во нови станови била 2013 година, кога македонските општини издале градежни дозволи за изградба на 4.773 станбени единици. Наспроти неа, со едноставна споредба на бројките од изминативе пет години може да се констатира дека најуспешен период за станбената изградба била 2012 година. Тогаш, на ниво на целата земја биле издадени одобренија за подигање на 7.376 предвидени станови, со корисна површина од 595.321 метри квадратни.

 

Ланскиот раст кај бројот на становите што допрва треба да се градат оди под рака со мало намалување на просечната квадратура на идните домови. Во прилог на ова тврдење е податокот дека во 2011 година било зацртано да се градат 6.286 станови со површина од 532.726 метри квадратни, додека лани за сметка на речиси идентичниот број на станови е регистрирана нивна вкупна корисна површина од 495.244 метри квадратни. И покрај опаѓањето кај просечната квадратура на домовите, месечните статистички извештаи не покажуваат драматични промени кај бројот на соби во идните станови. Па така, деловните субјекти и физичките лица и лани најголем интерес покажале за вложување во изградба на двособни и трисобни станови.

 

Заедно со статистичките податоци за целата земја, показател за зголемена побарувачка на нови станови може да се најде и кај информациите од Народната банка на Македонија што се однесуваат на главниот град. Централната банка во последниот квартал од 2015 година забележала раст на годишна основа од 0,9% кај цената на становите во Скопје. И покрај тоа, од НБРМ во последниот Квартален извештај не дадоа прецизна прогноза дали зголемувањето на цената на становите е од привремен или од постојат карактер. „Во прилог на ова е и констатацијата дека по изразено надолниот тренд во претходните години, во просек за 2015 година, цените на становите се релативно стабилни задржувајќи се на нивото од 2014 година“, посочуваат од Народната банка.

 

За оформување на појасна слика кај овој сектор на недвижности за 2015 година, во престојниот период ќе следи објавување на вкупната бројка на изградени станови од Државниот завод за статистика, но и податоци за вредноста на живеалиштата во нашата земја. Заедно со неговото воведување, од оваа година ќе бидат достапни за јавноста и годишните пресеци за движењето на цените на становите и преку Регистарот на цени и закупнини на недвижности, кој како проект на Агенцијата за катастар на недвижности беше стартуван во март минатата година.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk