Претходна статија
Ќе се регулира коритото на Липковска река во Куманово
Следна статија
Ајде, Јово, наново со хидроелектраната „Чебрен“

ТЕМА: Голема експанзија во изградбата на нови станови во текот на 2016 година

Објавено на 13.02.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Рекорден раст во изградбата на нови станови е забележан во текот на 2016 година. Само во изминативе 12 месеци, македонските општини на инвеститорите им издале одобренија за градење на 7.837 станови со вкупна корисна површина од 641.765 метри квадратни. Вакво зголемување кај бројката на нови колективни згради и куќи за индивидуално домување не е регистрирано во изминативе пет години. Како и досега, напливот од нови живеалишта што допрва ќе се градат е сконцентриран на скопскиот регион. Погледнато по општини, доминираат скопските Аеродром, Карпош и Центар, а по нив следи Струмица и Охрид како најатрактивни локации за изведба на идните станови.

 

 

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани бил констатиран раст од речиси 27% кај бројката на предвидени станови за градење во споредба со 2015 година. Огромно зголемување од 29,5% е забележано и кај површината на идните живеалишта, кои најчесто се подигаат во урбаните делови на градовите. Инвестирањето во овој вид недвижности не сопира, и покрај неодамнешните податоци за високиот број на непродадени нови станови што ги пласираше Агенцијата за катастар на недвижности. Во нивниот Регистар на цени и закупнини биле впишани 2.807 непродадени станови низ целата земја.

 

Во анализата за периодот јули-септември 2016 година, од Катастарот наведуваат дека постојната понуда на станови може да ја задоволи побарувачката од пазарот, со укажување дека има доволна залиха на новоизградени домови. Паралелно со овие информации, Народната банка во својот последен извештај за периодот април-јуни 2016 година регистрираше благо опаѓање на цената на становите во Скопје, кое за главниот град се провлекува веќе неколку години наназад. Агенцијата за катастар на недвижности пак пресметала дека вредноста на становите лани растела во општина Аеродром, каде истата ја достигнала вредноста од 55.462 денари за метар квадратен во периодот јули-септември 2016 година.

 

Споредено со периодот од 2011 година до денес, најлош период за изградбата на нови станови низ општините бил регистриран во 2013 година, кога била предвидена изградба на 4.773 станови во целата земја. Наспроти неа, во 2012 година бил забележан значаен раст во издавањето на градежни дозволи за оваа намена, кога се пресметани вкупно 7.376 станови. Сепак, ваквите бројки не се ниту приближни во однос на планираните живеалишта и квадратурата што во моментов се градат на ниво на целата земја. Како ќе се одразат ваквите резултати врз цената на становите во поголемите градови треба допрва да се почека од реакциите што ќе следат од пазарот.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk