Претходна статија
Велосипедската патека на Вардар се продолжува кон Горно Лисиче
Следна статија
Помалку договорени, повеќе реализирани градежни проекти во странство

Субвенции за велосипеди без проценка за тоа колку ќе се користат

Објавено на 17.05.2017 во категорија Вести.

 

Граѓаните на Скопје годинава ќе имаат можност да искористат речиси 13 милиони денари од локалните власти за надомест на дел од трошоците за купување нов велосипед. Делумното покривање на трошоците за набавка на ова превозно средство не се одвива паралелно со осознавање на реалното вклучување на овие велосипеди како секојдневно средство за превоз на граѓаните. Ефикасното искористување на ваквите проекти се поставува под знак прашање откако општинските власти се одлучија да доделат вакви субвенции. По Општина Центар, од оваа година и Градот Скопје ќе доделува субвенции за купување велосипед, а вакви најави доаѓаат и од некои други скопски општини.

 

*Проектот „Скопје изнајми велосипед“ не заживеа суштински во главниот град

 

Градските власти информираат дека за само два дена биле поднесени 220 барања за субвенција за купување велосипед, што говори за голем интерес меѓу граѓаните за овој проект. Градот Скопје годинава има одвоено 10 милиони денари за граѓаните од сите скопски општини. „Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“. Средствата што ќе ги надоместува Град Скопје се во износ од над 50% од цената на велосипедот, но не повеќе од 4.000 денари, нето износ, по лице“ информираат градските власти.

 

Општина Центар годинава планира да додели субвенции за купување на 1.111 нови велосипеди за жителите на оваа скопска општина. Јавниот повик е веќе објавен, а за проектот се одвоени средства во висина од 2,8 милиони денари. Оваа локална самоуправа ќе покрие до 30% од вредноста на купениот велосипед. Сепак, локалните власти ќе немаат увид колку од алоцираните средства кон граѓаните ќе можат да се вратат како намален обем на користење автомобили во главниот град.

 

Локалните самоуправи од граѓаните бараат единствено доказ за купените велосипеди, но не и за каков тип на велосипед станува збор. Општините немаат ниту увид во однос на тоа колку од граѓаните би ги користеле велосипедите за некоја од трите главни намени – сообраќај, рекреација и спорт. На тој начин, во главниот град не постои евиденција за ефикасноста од субвенционирањето на купување велосипеди за граѓаните.

 

На самиот крај, останува отворено прашањето за алтернативната намена на планираните средства за овие проекти. Автоматизираното изнајмување велосипеди во јавна сопственост на бројни локации низ Скопје не било поставено како актуелна тема од општините, иако средствата кои од година во година се одвојуваат за субвенции за велосипеди пополека ја достигнуваат вредноста на еден ваков проект.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk