Претходна статија
Започна изградбата на новиот објект на училиштето „Вера Јоциќ“ во Хиподром
Следна статија
Критична маса ќе прослави пет години промоција на велосипедскиот превоз во Скопје

Стариот Драмски ќе се руши, нова театарска зграда на негово место

Објавено на 24.05.2017 во категорија Вести.

 

Уште едно препознатливо здание од пост-земјотресно Скопје ќе биде срушено. Постојниот објект на Драмскиот театар во скопската населба Карпош 2 ќе биде срушен за да се изгради новото театарско здание со висина од 35 метри. Актуелното раководство на Министерството за култура, во деновите кога се водат преговори за формирање на новата влада, склучило договор за изградба на идниот Драмски театар во вредност од над 627 милиони денари. Фирмата „Бауер БГ“ од Скопје е избрана за изведувач на градежните работи, а договорот за изградба на објектот е потпишан на 15 мај годинава.

 

 

Изведувачот на градежните работи најпрво ќе треба да го сруши постојното здание на Драмскиот театар, по што ќе следува издигнувањето на новата зграда на планираната парцела со површина од 4.153 метри квадратни. Целиот објект би се изградил во рок од 36 месеци врз основа на изработениот основен проект од фирмата „Монтимпекс-Инженеринг“. Победничкото идејно решение за новиот Драмски театар беше изработено во 2009 година од авторите Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ и Билјана Стоименовска од студиото „Платформа“.

 

Објектот на Драмскиот театар е еден од најпознатите симболи на обновата на Скопје по земјотресот од 1963 година. Како подарок од Владата на Велика Британија и од граѓаните на оваа земја, зданието е подигнато во далечната 1965 година. Чествувајќи го подзаборавениот дискурс за Скопје како град на меѓународната солидарност, во главниот хол на театарот до денешен ден стои прикачена благодарницата на граѓаните од нашиот град за хуманоста на британскиот народ.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk