Претходна статија
Распишан тендерот за изградба на патарина на автопатот Демир Капија - Смоквица
Следна статија
Градот Скопје со мурали сака да се искупи за „барокизацијата“ на фасадите

Старата скопска чаршија во иднина со автентични излози и реклами на дуќаните

Објавено на 25.08.2017 во категорија Вести.

 

Министерството за економија денеска го објави огласот за пронаоѓање на фирма што ќе го изработи проектното решение за конзервација, санација и адаптација на излози и натписи на дуќаните на Старата скопска чаршија и на другите чаршии низ земјава (Охридската, Струшката и Битолската). Идниот проект треба да понуди соодветни решенија за излозите, натписите, натстрешниците, ќепенците и зеленилото за дуќаните лоцирани во чаршиите. Надлежното министерство пред две години го финансираше уредувањето на излозите и рекламите на 60 дуќани во Старата скопска чаршија, а годинава е предвидено да се продолжи овој проект за сите преостанати дуќани.

Предложените проектни решенија на огласот треба да го сочуваат главниот влез на дуќаните, да ги оформат фасадите со натпис сразмерен на нивната површина, влезот на дуќаните да го оплеменат со зеленило и да предвидат натстрешница во склоп на излогот. Поднесените трудови треба да преферираат квалитетни материјали и оков за излозите, додека нивната конструкција треба да биде од масивно дрво. Врз основа на изготвените решенија, надлежното министерство во наредниот период ќе ја реализира санацијата и адаптацијата на дуќаните.

 

За изготвување на проектните решенија е проценето дека ќе се потрошат околу 5.000.000 денари. Договорот со најповолниот понудувач ќе биде потпишан во времетраење од 12 месеци. Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди до Министерството за економија најдоцна до 15 септември, за кога е закажано и нивното јавно отворање.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk