Претходна статија
Партерно уредување за киното „Манаки“ во Битола
Следна статија
Презентација на физибилити студија за штетното влијание на ДУП-от за Карпош 4

Становите во Центар и во Аеродром остануваат најскапи во земјава

Објавено на 03.02.2017 во категорија Вести.

 

Во Регистарот на цени и закупнини во првите три квартали од 2016 година се запишани вкупно 19.798 трансакции со недвижности, од кои 56% се однесуваат на продажби, 33% на закупи, 8% на продажби од инвеститор и 3% на откупи од Република Македонија. Само во третиот квартал од 2016 година се запишани 5.954 трансакции, што претставува пораст од 36% во однос на истиот период од претходната година. Во делот на новоградбите, во периодот јули – септември 2016 година се регистрирани 646 продажби. „Во овој квартал, согласно со податоците од базата на катастарот на недвижности има 2.807 непродадени станови кои се нудеа на пазарот на недвижности и 7.969 станови кои се во тек на градба“ се наведува во објавениот Извештај на Агенцијата за катастар на недвижности.

 

 

Катастарот регистрирал намалување на цената на станбениот квадрат во скопските општини Центар и Карпош за сметка на Аеродром. Цената на станбениот простор во Центар во третиот квартал од 2016 година изнесувала 55.173 денари за метар квадратен, додека во Аеродром се искачила на 55.462 денари за метар квадратен. Цената на живеалиштата во Карпош во периодот јули – септември 2016 година опаднала за 2.645 денари за метар квадратен. Стабилна цена на становите е регистрирана во Струмица, додека позначителен пад на нивната вредност е забележана во Битола.

 

„Можеме да заклучиме дека бројот на новоградби и станови кои се во тек на градба, односно понудата на станови на пазарот ја задоволуваат побарувачката на станови, и во моментов има доволна залиха на новоизградени станови доколку се зголеми побарувачката. Што се однесува до цените на пазарот на недвижности, тие се стабилни со благ пад во некои општини како реакција на презаситеноста на пазарот на новоизградени станови“ се наведува во извештајот.