Претходна статија
Пазарот на недвижности доживеал стрмоглав пад во вториот квартал од 2017 година
Следна статија
Демир Капија наскоро ќе добие нов градски плоштад

Со регионална депонија ќе се решава проблемот со отпадот во Куманово

Објавено на 11.07.2017 во категорија Вести.

 

Северо-источниот дел од земјава сака да гради регионална депонија, со која ќе се реши проблемот со складирање и управување со отпадот во Куманово и во околните општини. За таа цел, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку и кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски денеска потпишаа Меморандум за спроведување на Рамковната Спогодба меѓу македонската влада и Комисијата на Европските заедници за постапките за спроведување на финансиската помош од Унијата. Со потпишувањето на овој документ се воспостави формална основа за успешно спроведување на пет проекти, кое ќе се реализираат во етапи.

 

 

„Со потпишувањето на овој меморандум ја воспоставивме правната рамка за реализација на планираните проекти преку кои ќе спроведеме набавка на опрема за собирање и транспорт на комунален отпад во Северо-источниот плански регион, ќе воспоставиме соработка за затворање и рехабилитација на непрописните диви депонии и ѓубришта во Северо-источниот регион, како и инвестициски проект за изградба на централна депонија за Источниот и Северо-источниот регион“ истакна министерот Садула Дураку.

 

Проектот ќе се реализира во три фази, а потпишувањето на меморандумот е пристапување кон самиот договор. На денешниот настан се обрати и кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски, кој зборуваше и во својство на претседател на Северо-источниот плански регион. Тој посочи дека општинските совети ќе треба да дадат согласност за потпишувањето на договорот, кој во наредниот период ќе донесе бројни погодности, но и обврски на општините. Последната фаза од проектот треба да се заокружи со изградба на регионална депонија.