Претходна статија
Европскиот совет на инженерски комори (ЕСЕС) го одржа 14-тото Генерално Собрание во Скопје
Следна статија
Отворен 43. Меѓународен саем ТЕХНОМА во салата „Борис Трајковски“

„Скопје Ист Гејт“ му дава нова шанса на просторот кај Скопски саем

Објавено на 25.10.2017 во категорија Вести.

 

По речиси 10 години од почетокот на градежните работи, празниот простор кај Скопскиот саем доби нов сопственик, неколку идеи за натамошен развој и ново име на идниот проект. Компанијата „Скопје Ист Гејт“ планира да гради повеќенаменски комплекс на земјиштето со површина од 155.000 метри квадратни. Досегашната јама до Скопскиот саем се простираше на 80.000 метри квадратни, па се претпоставува дека идниот инвеститор ќе ги урне постојните објекти од саемот за да го изгради идниот повеќенаменски комплекс во Скопје.

 

На просторот до хотелот „Континентал“ би се изградиле трговски центар, станбен комплекс и канцелариски парк со бруто изградена површина од над 250.000 метри квадратни. Целокупната инвестиција од 300 милиони евра би се реализирала во наредните пет до седум години. Инвеститорот во првата фаза би го градел новиот трговски центар во Скопје, кој би се протегал на 45.000 метри квадратни и би поседувал околу 2.500 подземни паркинг места. Изградбата на комерцијалниот простор би започнала во есента 2018 година, а неговото свечено пуштање во употреба би било кон крајот на 2020 година. Компанијата „Скопје Ист Гејт“ би го реализирала проектот како заедничка инвестиција со уште една компанија.

 

 

Заедно со најголемиот трговски центар во земјава, во наредните пет години на оваа локација треба да се изгради и станбен простор со површина од над 100.000 метри квадратни. Во соопштението испратено до медиумите се наведува дека во компанијата „Скопје Ист Гејт“ како мнозински акционер се јавува Balfin Group, групацијата која го изгради трговскиот центар Скопје Сити Мол.

 

Просторот кај Скопски саем во минатото беше предвиден за изведба на проектот „Ера Сити“, кој започна да се гради во 2008 година. Градежните работи за изградба на деловниот објект запреа многу брзо по поставувањето на камен – темелникот, а во изминативе години се сменија неколку сопственици на земјиштето, но и најавите за натамошната намена на овој простор.