Претходна статија
Комората на овластени архитекти и инженери бара измени во Законот за градење
Следна статија
Раст од 43,7% кај бројката на предвидени станови за градење

Шпанците се жалат на проблеми при изградбата на патот Градско – Прилеп

Објавено на 07.07.2017 во категорија Вести.

 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески обелодени дека има проблеми и во изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп. „На средбата со шпанскиот амбасадор и градежната компанија беа предочени проблеми и со проектот за експресниот пат и во наплатата на средствата. Ќе се прави целосна анализа по што ќе излезам со детали. Очигледно се работи за слични проблеми како со автопатот Кичево – Охрид“ рече министерот Сугарески. Изведувач на овој проект е шпанската компанија „Конструксионес Рубау“, која веќе нагласила дека ќе ја прекине изградбата на патот ако не се реши долгот.

 

 

Изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп започна пред една година, откако во јануари 2016 година беше потпишан договорот за изградба на делницата во должина од 33,5 километри. Претходното владино раководство редовно одеше во посета на градилиштето, но не ги информираше медиумите за проблемите поврзани со изградбата на патот. Речиси е извесно дека првичниот рок за изведба на првата фаза од Фаришката до Дреновската клисура ќе биде пробиен. Засега нема најави дека ќе има поскапување на реализацијата на овој сегмент од патот, за кој веќе се одобрени 31,8 милиони евра.

 

Експресниот пат Градско – Прилеп е предвидено да чини 70 милиони евра обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој. Патот ќе има ширина од 12,4 метри, со по една главна лента од 3,5 метри и една помошна лента од 2,5 метри во секој правец. Реализацијата на проектот е поделена на три фази. Јавното претпријатие за државни патишта треба дополнително да го избере изведувачот на втората фаза од патот во должина од 16 километри. Во третата фаза треба да се гради делницата од Тројаци до Плетвар и влезот кај Прилеп во должина од 7,5 километри.