Претходна статија
ЕЛЕМ ќе бира нови локации за термоелектрани што ќе користат увозен јаглен
Следна статија
Со забрани за греење на јаглен и дрва ќе се подобрува воздухот во Скопје

Се распаѓа Музејот на Македонија, по трет пат пари за опрема на Археолошкиот музеј

Објавено на 25.01.2017 во категорија Вести.

 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија го обвини Министерството за култура дека го оставиле да се распадне Музејот на Македонија лоциран во Старата скопска чаршија. „Во Годишната програма за култура потпишана од Канческа Милевска и годинава нема предвидено пари за значајни споменици на културата кои се во загрозувачка состојба. Еве во каква состојба е Музејот на Македонија којшто се распаѓа, а за него нема предвидено проекти за санација, поправка на кров, поправка на платото пред музејот, заштита од прокиснување при поплави и дожд. Депоата се заразени од мувла и микроорганизми. Но, во истата Годишна програма има одобрено пари по трети пат да се опремува Археолошкиот музеј“ изјави Роберт Алаѓозовски, претседател на Комисијата за култура при СДСМ.

 


* Извор на фотографии: СДСМ

 

Од Министерството за култура денеска не објаснија што се случува со објектот на Музејот на Македонија. Во реакцијата до медиумите тие велат дека Роберт Алаѓозовски одржува прес-конференции на теми за кои не е квалификуван. Надлежното министерство соопшти дека ќе се воздржи од коментари на неговите изјави, но притоа не даде никаква информација за состојбата во која се наоѓа музејскиот објект. Покрај од СДСМ, вработените од Музејот на Македонија во изминативе неколку години реагираа во неколку наврати за лошите услови во кои се наоѓа оваа градба.

 

 

Музејот на Македонија е највисоката по ранг музејска установа во земјава. Објектот од пост-земјотресно Скопје е изграден според проектот на Мимоза Несторова Томиќ и Кирил Муратовски и е еден од најзначајните архитектонски споменици од втората половина на XX век. Поаѓајќи од реализацијата на сложено и иновативно решение што не го нарушува амбиентот на Старата скопска чаршија, Музејот на Македонија со својата појавност во просторот ги почитува постарите објекти – Скопското кале и Мустафа-пашината џамија.