Претходна статија
Ќе се реновира Музејот за изработка на оружје за време на НОВ во Скопје
Следна статија
ЕУ со 50 милиони евра ќе поддржи енергетски проекти во Западниот Балкан

Се најдоа пари за изработка на проект за реконструкција на Офицерскиот дом во Битола

Објавено на 09.02.2017 во категорија Вести.

 

По долгогодишни реакции на битолската јавност, локалната самоуправа од градот конечно се одлучи да одвои финансиски средства за изработка на проект за реставрација и адаптација на Офицерскиот дом лоциран во центарот на Битола. За руинираниот објект годинава е предвидено да се одвојат средства од околу 1,1 милион денари за подготовка на проектната документација, вклучувајќи ја и нејзината ревизија. Општина Битола денеска ги објави двата тендера и ги очекува понудите од проектантските бироа до 20 февруари.

 


* Извор на фотографија: Википедија (автор: Maksimilijanbt123)
Владата во неколку наврати јавно објави дека планира да инвестира околу 2 милиони евра од државниот буџет за санација на објектот. Најавите од власта не секогаш се остваруваат во реалноста, поаѓајќи од фактот дека локалната самоуправа уште пред шест години вети дека ќе подготви проект за реконструкција на Офицерскиот дом. Во сите овие години не се вложени позначајни средства во санациони активности, а невладините организации и загрижените граѓани во континуитет алармираат за лошата состојба во која се наоѓа самиот објект.

 

Офицерскиот дом во Битола во моментов е претворен во руина. Прозорските стакла од објектот се искршени, белата фасада се рони и постепено пропаѓа, додека во најлоша состојба се наоѓа внатрешноста на објектот. Ѕидовите се уништени, ишкртани со спреј и полни со дупки, вратите се откорнати, додека лустерот во Офицерскиот дом лани падна и се искрши. Во објектот често може да влезат вандали, кои ја уништуваат неговата внатрешност. Градбата нема греење и ладење, со што вредните содржини од објектот, кој е споменик на културата од прва категорија, трајно се девастираат.