Претходна статија
Ајде, Јово, наново со хидроелектраната „Чебрен“
Следна статија
Државата ќе гради и реконструира три експресни и 40 регионални патишта

СДСМ прашува до каде е топлификацијата во Битола

Објавено на 14.02.2017 во категорија Вести.

 

Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска излегоа со прашање до власта за тоа до каде е изградбата на топловодната мрежа во Битола. „Овде каде што сме денес, на булеварот 1 Мај, раскопани се цевки во вредност од 80.000 евра. И толку од топлификацијата. Ништо! Во РЕК Битола за физибилити, за проектни документации, за адаптација на котлите и сл. потрошени се неколку милиони евра, а топлификацијата не е ниту на повидок. Не само што лажат, него и топлификацијата која функционираше до пред неколку години и загреваше неколку илјади семејства во нова Битола, ја затворија“ изјави Васко Ковачевски, пратеник и претседател на СДСМ Битола.

 

 

Од СДСМ велат дека со недостигот на колективно загревање во Битола, граѓаните се принудени да користат огревно дрво и разни отпадни материјали, со што рапидно пораснало загадувањето на воздухот во градот. Од опозицијата најавуваат дека новата локална самоуправа во Битола како приоритет ќе го постави решавањето на проблемот со греење во градот. Покрај централното затоплување за градските населби, ќе се спроведе гасификација на училиштата и административните објекти во Битола.

 

Државата кон крајот на 2015 година подигна кредит од германската КфВ банка за изградба на топлификација во Битола. Задолжувањето од 39 милиони евра треба да биде дополнето со сопствени средства на Електрани на Македонија во висина од 7,5 милиони евра. Со реализацијата на првата фаза требаше да се изгради магистрален цевковод од 12,5 километри од РЕК „Битола“ до градот, како и потстаница и дистрибутивна мрежа низ Битола.