Претходна статија
Планираната елитна населба во Студенчишко блато исфрлена од ГУП-от
Следна статија
„Југохром“ за осум месеци планира да ја заврши филтер станицата

Рудникот во Валандово е еколошки безбеден, тврди инвеститорот

Објавено на 26.04.2017 во категорија Вести.

 

Компанијата „Сардич МЦ“ денеска одржа презентација на рударскиот комплекс „Казандол“ во Валандовскиот регион. Инвеститорот нагласува дека во рудникот е предвидено да се врши безбедно ископување на руда и безопасно производство на бакар. „Во тој поглед извршивме стотина елаборати од сите можни аспекти затоа што да се продаде денеска метал на Лондонската берза мора да се поседува сертификат дека не загадува“ изјави директорот на „Сардич МЦ“ Бошко Сибиновски.

 

 

Тој посочи дека инвеститорот во изминатиов период за изработка на проекти и вршени анализи за заштита на животната средина вложил 3,5 милиони евра. Оваа англиско – украинска инвестиција треба да произведува 4.000 тони катоден бакар и да вработи 250 лица. Во рудникот ќе се вгради опрема со современа технологија од финската компанија „Аутотек“. Во проектот е предвидено да се вложат 35 милиони евра.

 

Од лабораторијата „Технолаб“ тврдат дека се запазени сите еколошки и безбедносни мерки за овој проект. „Во поглед на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето направивме комплетно снимање на воздух, површински и подземни води, земја и бучава од сите мерни точки. Добивме таканаречени „нулта резултати“ кои треба да не отстапуваат кога ќе ги споредиме со резултатите од истите мерења кои ќе ги извршиме по почетокот на работата на рудникот „Казандол“ истакна Магдалена Трајковска – Трпевска од лабораторијата „Технолаб“.

 

Наспроти објаснувањето на инвеститорот, граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ вчера побара организирање референдум на кој граѓаните од Валандово ќе се изјаснат околу стопирање на изградбата на веќе започнатиот објект.