Претходна статија
13 граѓански иницијативи со барања до владата од областа на урбанизмот и зелената економија
Следна статија
Нов станбено - деловен комплекс се гради во Општина Илинден

Рокот за автопатот Миладиновци – Штип продолжен до септември 2018 година

Објавено на 13.09.2017 во категорија Вести.

 

Македонската влада на вчерашната седница донесе одлука за потпишување анекс договор со кој ќе биде продолжен рокот за изградба на автопатот Миладиновци – Штип. Владата ги овласти заменик претседателот Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и в.д. директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов за да го потпишат анексот откако тој ќе биде усвоен од парламентот. Со овој потег, кинеската компанија „Синохидро“ ќе добие рок до септември 2018 година за да ја заврши изградбата на автопатската делница од Миладиновци до Штип.

 

 

 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кон крајот на јули годинава изјави дека за довршување на овој автопат ќе бидат потребни дополнителни средства од над 20 милиони евра. Првичниот рок за завршување на автопатот беше мај 2017 година, додека неговата цена изнесуваше 206 милиони евра. Претходната влада не успеа да ја одржи предвидената динамика во времетраењето и вредноста на овој проект. Од извршната власт не излегоа со информации за тоа дали изведувачот на работите ќе плати казнени пенали за одолговлекување на изградбата на автопатот, ниту пак одговорија на дилемата за тоа кој ќе биде одговорен за пронајдените пропусти.

 

Автопатот Миладиновци – Штип е во должина од 47 километри. Идната делница е предвидено да има седум клучки, пет подпатници, армирано бетонски мост и пет вијадукти. Неговата изградба започна во февруари 2014 година.