Претходна статија
ИНТЕРВЈУ со Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек: Скопските бараки се ткивото, структурата на овој град
Следна статија
Цементарница „Усје“ со намалена добивка во текот на минатата година

РЕПОРТАЖА: Тирана, булеварот „Маченици на нацијата“ и тоталитарната архитектура

Објавено на 12.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Главниот град на Република Албанија е еден од најзанимливите метрополи на територијата на Балканот, но и воопшто на европско тло. Неговиот урбан развој е проткаен со влијанија од соседните балкански земји, Отоманската Империја, Италија, Советскиот Сојуз, Кина, па дури и Австро – Унгарија. Речиси и да не постои некој друг европски град што бил сведок на ваков коктел од политички, урбанистички и архитектонски влијанија. Сите овие преплетувања низ историјата оставиле белег врз денешниот изглед на Тирана. Оттука, нејзината специфичност и оригиналност вреди да се спомене низ една репортажа за овој град.

*Централниот плоштад „Скендербег“

 

Несомнено, најзначајно место во урбаното ткиво на албанската метропола зазема главниот булевар, којшто денеска е наречен „Маченици на нацијата“. Неговиот развој во претходниот век ја следи одблиску албанската историја, со сите позитивни и негативни страни зад себе. Од денешна перспектива, може да се каже дека овој јавен простор во Тирана е еден од ретките неуништени сегменти во транзицискиот период. Воедно, булеварот „Маченици на нацијата“ е и целосна спротивност од проблемите со кои се соочува албанскиот главен град денес, како што се: сообраќајниот метеж, неконтролираното проширување на старите згради и сомнителната изградба на стотици станбени блокови и бројни комерцијални содржини за сметка на зеленилото, старите градби и слободниот простор.

*Булеварот „Маченици на нацијата“

 

Како таква, оваа градска сообраќајница, со сиот јавен простор околу неа, дава големи можности за натамошен развој на централното градско подрачје на Тирана. Булеварот „Маченици на нацијата“ е застрашувачки широка сообраќајница, со должина од 1,3 километри, оформувајќи ја оската север – југ на градското јадро во Тирана. Овој булевар ги спојува плоштадите „Скендербег“ и „Мајка Тереза“, а околу неговата траса се наоѓаат познатите паркови Ринија и Големиот парк на Тирана, заедно со елитната населба на некогашното комунистичко раководство „Блоку“.

Историјата на главниот булевар во Тирана е несомнено поврзана со тоталитарното урбанистичко планирање и архитектура, која ги доживеала своите изведби во речиси апсолутни димензии уште во првата половина на дваесеттиот век. Слично како и македонскиот главен град, периодот од 20 – тите години на дваесеттиот век доведува до драстични промени во развојот на дотогашниот град со доминантна отоманска архитектура. Италијанските архитекти Армандо Бразини и Флорестано ди Фаусто во 1925 година го проектираат Мастер планот на Тирана, обидувајќи се низ урбанистичките решенија да го трансформираат ова населено место во главен град на Албанија.

*Плоштадот „Мајка Тереза“

 

Во овој период се засилува влијанието на Италија врз новата албанска држава, која правопропорцијално се зголемува заедно со империјалистичките амбиции на фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини. Несомнено, архитектите и урбанистите вклучени во креирањето на идниот изглед на Тирана биле блиски до фашистичкото раководство во Рим, и покрај нивната беспрекорна професионална биографија ценета од италијанската архитектура денес. Па така, во периодот на Кралството Албанија се градат дел од објектите на централниот плоштад „Скендербег“, кои се дизајнирани од италијански архитекти.

Тука спаѓаат седиштето на централната банка на Албанија, која е изведена врз основа на проектот од славниот архитект Виторио Балио Морпурго. Веднаш до неа, во подоцнежниот период се изградени административните зданија на денешните министерства за инфраструктура, земјоделство, економија и енергетика. Треба да се спомене дека дел од објектите од периодот помеѓу 1928 и 1939 година ќе бидат срамнети со земја во екот на тоталитарниот режим на Енвер Хоџа.

По бројните години минати во наголемувачко влијание од Италија, Кралството Албанија крахира во 1939 година, под налетот на фашистичката окупација на земјата од страна на Мусолини. Веднаш по инсталирањето на марионетската влада, во Тирана е донесен италијанскиот архитект Герардо Бозио. Исто како и неговите претходници, тој е познат италијански творец во рамки на својата професија, но и исклучително близок на фашистичкиот режим во Рим. Бозио ја зазема една од клучните функции на архитект на урбаните средини во тогашните колонии на фашистичка Италија. Во албанскиот главен град тој доаѓа за да креира тоталитарна архитектура, која би создала страхопочит помеѓу албанското население во однос на новата империјална власт.

Веднаш по припојувањето кон Италија, архитектот Герардо Бозио се стекнува со задолжението да подготви проект за новиот плоштад „Литорио“, кој денес го носи името „Мајка Тереза“. Овој плоштад ја слави фашистичката идеологија, оформувајќи ја силуетата на плоштадот со четири зданија што требало да му противречат на плоштадот „Скендербег“, како симбол на албанската независност. Централно место на плоштадот зазема зградата на фашистичката партија, чиј балкон гледа директно кон пространиот булевар и плоштадот „Скендербег“. Самиот плоштад, заедно со објектите во негови рамки, требало да доминираат во однос на целиот град.

Од професионален аспект, Бозио се одлучил да го примени монументалниот рационализам како правец на италијанската архитектура. Дизајнот на објектите совршено се совпаѓа со тоталитарниот режим на Мусолини, но и со колонијалистичките амбиции на тогашна Италија. Врз основа на проектот на Герардо Бозио, во периодот од 1939 до 1941 година се гради „Авенија на Империјата“, која денес е преименувана во булевар „Маченици на нацијата“. Во овој градителски потфат од само неколку години се рушат бројни зданија од старото градско јадро на Тирана од отоманскиот период.

По ослободувањето на Тирана од германските окупатори во ноември 1944 година, во албанската метропола се формира комунистичката власт под раководство на Енвер Хоџа. Неговото лично влијание врз натамошниот развој на Тирана е огромно, заедно со каноните на соцреализмот увезени од Советскиот Сојуз. Режимот на Енвер Хоџа ги поприма најтемните сталинистички карактеристики на СССР од овој период. На почетокот од 60 – тите години на дваесеттиот век ги прекинува блиските односи со СССР, поаѓајќи од фактот дека албанското раководство не сакало да се справи со сталинизмот во нивната земја.

Енвер Хоџа во овој временски период се одлучува да сруши познати архитектонски зданија од италијански архитекти, но и да го задржи во целост тоталитарното архитектонско – урбанистичко решение на Герардо Бозио. Плоштадот „Мајка Тереза“ и булеварот „Маченици на нацијата“ остануваат речиси нечепнати од тоталитарните амбиции на диктаторот. Но, затоа пак драстично се менува ликот на централниот плоштад „Скендербег“. Старата турска чаршија се руши, а на нејзино место се гради огромната Палата на културата, чија прва цигла на градилиштето ја поставува лично советскиот лидер Никита Хрушчов во 1959 година.

*Урбанистичкиот хаос не е тешко да се пронајде и во самиот центар на градот

 

Во 60 – тите и 70 – тите години на дваесеттиот век се градат хотелот „Тирана интернешнл“. Оваа највисока зграда во тогашна Тирана (објектот брои 15 ката) била отворена во 1979 година. Две години подоцна се отвора и Националниот историски музеј во Тирана, кој зазема површина од 27.000 метри квадратни. Овие модернистички објекти од ерата на Енвер Хоџа и денес доминираат на плоштадот „Скендербег“. Некогашните споменици на Сталин и на Енвер Хоџа се демонтирани во периодот на крахот на комунизмот. Единствено сеќавање на долгогодишното владеење на Отоманската Империја во центарот на Тирана може да се забележи од само две зданија – Етем Беј Џамијата и Саат кулата лоцирани на плоштадот „Скендербег“.

Врв на севкупното преуредување на централното градско подрачје, базирано на соцреалистичките вкусови на тоталитарната власт, е изградбата на музејот „Енвер Хоџа“ на главниот булевар во Тирана. Ова бетонско здание е проектирано во 1988 година од неговата ќерка Пранвера Хоџа, зетот Клемент Коланечи, Пиро Васо и Владимир Брегу. Објектот е во форма на пирамида, подигнат на платформа и скали, кои создаваат плоштад долж булеварот „Маченици на нацијата“.

Треба да се спомене дека сталинистичките замисли за пространи булевари, мегаломански соцреалистички зданија и огромни паркови се реализирани и во Тирана. Ова важи особено за третата карактеристика на сталинистичкото урбанистичко планирање, а тоа се зелените оази. Парковите Ринија и Големиот парк на Тирана се издигнати во текот на 50 – тите години од дваесеттиот век. Паркот Ринија е подигнат во 1950 година, на површина од 29 хектари.  Се наоѓа од спротивната страна на некогашниот музеј „Енвер Хоџа“.

Треба да се спомене и Големиот парк на Тирана, кој се наоѓа на ридиштата јужно од главниот булевар и плоштадот „Мајка Тереза“. Ова зелена површина од 350 хектари е издигната во 1958 година, врз основа на изготвениот урбанистички план во Бугарија. Во негови рамки се наоѓа вештачко езеро на површина од 48 хектари, а целокупниот простор е седум пати поголем од Градскиот парк во Скопје. Оваа зелена оаза се состои од илјадници дрвја и останати растенија како своевидна мешавина од медитеранското и континенталното поднебје.

 

Сите овие содржини околу главниот булевар во Тирана ги претставуваат најзначајните знаменитости на албанската метропола. Од некогашен простор за урбанистичко – архитектонски експерименти во најцрните тоталитарни времиња, оваа сообраќајница денес претставува една од ретките јавни површини преостанати во Тирана. Под раководство на некогашниот градоначалник Еди Рама, бројните нелегални објекти никнати во централното градско подрачје, особено околу паркот Ринија, беа срушени. Неговата идеја беше да се сочува постојната визура на главната градска сообраќајница.

 

Иднината на главната сообраќајница во Тирана ќе биде под несомнено влијание од творечката енергија на познатиот италијански архитект Стефано Боери. Неговото проектантско биро ја доби задачата за изработка на Генералниот урбанистички план на Тирана, именуван како „Тирана 2030“. Целокупната документација веќе беше усвоена од градските власти кон крајот на 2016 година. Новата ера за албанската метропола, замислена како одржлив развој на градот со напредна инфраструктура, зелени коридори и зачувување на архитектонското наследство на градот, го вклучува во себе и идниот развој на булеварот „Маченици на нацијата“.

Студиото на Боери, поддржано од десетици експерти од тимовите на „УНИЛАБ“ и „ИНД“, предвидува натамошен развој на главната сообраќајница во Тирана со искористување на јавниот простор за нови урбани плоштади. Унапредувањето на јавниот простор ќе овозможи одржување на бројни културно – уметнички настани, кои би го претвориле овој дел од Тирана во најатрактивната точка за јавни собирања на граѓаните од овој град. Заедно со новите плоштади, Тирана во иднина планира да го триплира процентот на зеленило во централното градско подрачје. Тоа би било вистинско искористување на потенцијалот што го нуди главната сообраќајна артерија во Тирана, зарем не?

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk