Претходна статија
Пријавени 170 оштетени објекти по вчерашниот земјотрес во Охрид
Следна статија
Град Скопје со образложение за доцнењето на изградбата на булеварот Х.Т. Карпош

РЕПОРТАЖА: „Роденденската торта“ на Сталин – симбол на тоталитарната архитектура во Рига

Објавено на 05.07.2017 во категорија Вести.

 

Шареноликите визури на дрвените куќи, бајковитите шари на православните цркви и впечатливите зданија во арт – нуво стилот од стариот дел на Рига наспроти сета темнина на еден грозен објект што го уништува човековиот поглед кон градот од која било негова точка. Дождовните облаци што во раните пролетни месеци навјасале над латвискиот главен град не можат да го измијат црнилото од еден историски период, во кој тоталитарните умови на политичарите определуваат како ќе изгледаат градовите над кои тие ја имаат апсолутната власт. „Ова е роденденската торта на Сталин“, шеговито ми спомена еден жител на Рига, воведувајќи ме во монструозната приказна на сталинистичката архитектура во самиот центар на Рига.

 

Кога се говори за советската архитектура во Рига, неизоставно е да се истакне историјата на развојот на тоталитарната архитектура. Советскиот водач Сталин постанува главен планер на градовите, паралелно со збирањето на целокупната моќ во сопствени раце по смртта на Владимир Илич Ленин и дворските игри меѓу главните раководители на советската комунистичка партија. Никулците на архитектонското лудило започнуваат на самиот почеток од 30 – тите години на XX век. На 18 јули 1931 година се објавува меѓународен архитектонски Конкурс за избор на идејно решение околу замислата за изградба на Дворецот на советите во центарот на Москва, недалеку од портите на Кремљ и Црвениот плоштад. Иако многумина го сметаа конструктивизмот како прифатлив архитектонски стил за тогашниот СССР, самиот Сталин ги изненадува странските архитекти што учествуваат на конкурсот, прифаќајќи го класицистичкиот архитектонски труд на Борис Иофан, Иван Жолтовски и американскиот архитект Хектор Хамилтон.

 

 

 

Реномираните архитекти, меѓу кои и самиот Корбизје, му испраќаат писмо на Сталин во кое го изразуваат својот револт кон осмислениот избор на тогашниот лидер на Советскиот сојуз, кој во годините потоа ќе ја прикаже својата неприкосновеност на тронот преку личните одлуки што ги донесува во однос на огромните објекти што биле планирани за градење. Со фаталниот избор за враќање кон архитектонското минато, Сталин засекогаш го губи контактот со признатите имиња од меѓународната архитектонска фела, но тоа пак му овозможува да ја искористи архитектурата како моќна алатка за издигнување на суровиот тоталитарен систем во годините што следуваат. На тој начин, се поставени темелите на сталинистичката архитектура, која ќе засекогаш ќе уништи дел од централното градско подрачја на Москва, Варшава, Рига и други градови од Источна Европа, оставајќи зад себе темнина во современата архитектонска историја.

 

 

 

Рускиот архитект Дмитриј Хмелницкиј во пишаниот труд „Сталин и архитектурата“ го објаснува зачетокот на идејата за изградба на висококатници во Москва по завршувањето на Втората светска војна. Инспириран од облакодерите во американските метрополи, Сталин на своите блиски соработници им ја соопштува личната архитектонска замисла со следниве зборови: „Ние ја завршивме војната со победа, светот не призна како победници, во градот ќе почнат да доаѓаат странци, ќе шетаат по Москва, а во неа нема висококатници. Тие ќе ја изедначат Москва со главните капиталистички метрополи“, изјавил тоталитарниот водач пред почетокот на лудиот подвиг. Речено – сторено. На почетокот од 50 – тите години на XX век започнува подигањето на небодерите во Москва, Варшава и Рига.

 

 

 

Приказната за зданието на Латвиската академија на науките во Рига почнува со понудата за изградба на првиот облакодер во земјата како „подарок од работниците и селаните од другите советски републики за латвискиот народ“. Објектот е проектиран во согласност со архитектонската школа на соцреализмот, во комбинација со класицизмот како архитектонски правец на минатото. Зад идејното решение на ова здание официјално се потпишани латвиските автори Освалдс Тилманис, Ваиделотис Апситис и Карлис Плуксне, иако архивските документи покажуваат дека зад оваа идеја стои лично самиот Сталин. Класицистичкиот објект почна да се гради во 1953 година, при што истиот е комплетиран во период од три години.

 

 

 

На зградата на Латвиската академија на науките во главниот град доминира социјалистичкиот класицизам, препознатлив и преку симболите на комунизмот и на латвискиот фолклор. На горните катови на фасадата се забележливи српот и чеканот, додека во долните делови на зградата се присутни традиционални мотиви и орнаменти од културното минато на Латвија. Како и кај објектите насилно поставени во другите градови од Источна Европа, архитектите на ова здание се обиделе на надворешната фасада од висококатницата да вметнат и локални белези, обидувајќи се да и дадат легитимитет на архитектурата на Сталин на латвиско тло.

 

 

 

Зданието со висина од 108 метри со децении доминираше над небото на латвискиот главен град, симболично означувајќи го суровиот период на советската окупација на оваа земја од Балтикот. „Роденденската торта“ на Сталин денеска побудува измешани чувства на горчина и смеа кај обичните жители на Рига. Посетителите на градот редовно го посетуваат ова здание, од чиј 17 – ти кат може да се продре кон возбудливиот урбанизам на латвиската метропола. Монструозната конструкција се распаѓа под налетот на времето, огромните блокови паѓаат од горните катови, а на старите прозорци доминира избледената боја на тоталитарното минато.

 

 

 

Рушењето на објектот на Латвиската академија на науките како идеја во неколку наврати се изнесе во јавноста по осамостојувањето на земјата во 1991 година. И покрај силната желба за раскин со минатото, специфичната политичка ситуација во Латвија не дозволува целосно отстранување на симболите од советската ера во Рига. Покрај тоа, меѓу граѓаните преовладува мислењето дека оваа градба треба да остане на идните поколенија како жива лекција за грозотиите што со себе ги донесе политички мотивираната архитектура, водена од страста за целосна контрола на архитектонското творештво од страна на апсолутистичкиот водач на државата.

 

 

Текст и фотографии: Бојан Блажевски