Претходна статија
Општина Центар и годинава вложува во енергетско ефикасни фасади
Следна статија
Плоштад Слобода вечерва организира предавање за концептот "degrowth"

РЕПОРТАЖА: Последниот крик на технологијата применет на автопатот Демир Капија – Смоквица

Објавено на 15.04.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Македонија за прв пат во својата историја добива автопат во согласност со најстрогите европски стандарди. И на обичниот лаик нема да му побегне од пред очи врвната технолошка опрема вградена на автопатот Демир Капија – Смоквица. Разликата во инсталираната електронска опрема е неспоредлива со било кој друг автопат што некогаш бил изграден на македонска територија. И по првите изминати чекори на автопатот можат лесно да се забележат бројните камери за набљудување, телефонски кабини за повикување на помош, електронски сигнали во тунелите, премини во случај на опасност и евакуација во тунелите, како и автоматизираната патна сигнализација.

 

 

Целокупната електронска сигнализација на автопатот се управува од посебен контролен центар лоциран во Неготино, којшто е прв од ваков вид во нашата земја. „Паметниот“ автопат со сигурност ќе ја донесе со себе и зголемената безбедност на возачите, но и можноста за побрза реакција на спасувачките екипи во случај на сообраќајна незгода. Врвната технологија се чини дека е најмногу сконцентрирана кај тунелите, но затоа пак погледот кон природната убавина на Демиркаписката Клисура загарантирано е највпечатлив од издигнатите мостови. На трасата со должина од 28,2 километри нив ги има вкупно шест на број.

 

 

Наспроти вградената технологија и бајковитиот пејсаж, не смееме да заборавиме дека со автопатот Демир Капија – Смоквица во целост се завршува изградбата на патниот Коридор 10 низ нашата земја. За постигнувањето на оваа цел, на нам, како народ, ни беа потребни неколку децении. Сепак, да се навратиме на убавите работи. Величенственоста на овој градителски подвиг во иднина наједноставно ќе ја забележуваат посетителите на самата Демиркаписка Клисура. Од самите темели на издигнатите мостови може наједноставно да се грабаат воздишки за големината на реализираниот проект. Според погледот од самите темели на мостовите, се чини дека Демир Капија во многу брзо време ќе постане атрактивна дестинација и за љубителите на некои екстремни спортови, од типот на банџи скоковите.

 

 

Новиот автопат од Демир Капија до Смоквица беше изграден од грчката компанија „Актор“. Инфраструктурниот проект се состои од два тунели долги 1.200 метри, шест моста (најдолгиот има должина од 500 метри, а највисокиот е со висина од 90 метри), две клучки кај Миравци и Смоквица, пет надвозници, седум подвозници, едно стојалиште, неколку насипи, засеци и потпорни ѕидови, како и преку 120 пропусти. Вредноста на овој автопат изнесува 210 милиони евра. До крајот на април 2018 година се очекува и официјално да се пушти во употреба оваа делница, со која што времето за патување меѓу Демир Капија и Гевгелија ќе се скрати за 20-тина минути.

 

 

 

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk