Претходна статија
За чистење на линданот од „ОХИС“ ќе бидат потребни од 40 до 260 милиони евра
Следна статија
До јуни догодина ќе почнат да сообраќаат новите локомотиви на МЖ - Транспорт

РЕПОРТАЖА: Новиот Тихи – најголемиот социјалистички град во Полска

Објавено на 19.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

На дваесетина минути патување со воз од Катовице, во срцето на полскиот регион Шлезија е сместен градот Тихи. Ако го преведуваме од полски на македонски јазик, градот би се нарекол тивок, мирен, а по многу нешта и спокоен град лоциран во близина на границата со Чешка. Доколку тука ја додадеме информацијата дека Тихи е најголемиот град изграден во ерата на социјализмот во Полска, тогаш сигурно дека би се сетиле на приказната дека полското комунистичко раководство го одбрало за развој овој град токму поради неговиот назив.

 

Самото населено место Тихи за прв пат е регистрирано во историските документи во текот на 1467 година. Овој град низ својата историја од неколку века менувал стопани, бил сведок на поделби на држави и империи, но и сведок на нивниот распад. По Шлезиското востание, Полјаците од овој регион се избориле за припојување кон Полска. Градот Тихи со територијалната поделба од 1922 година постанува дел од Полска. Во екот на Втората светска војна, ова населено место повторно е окупирано од Германија, но фактите говорат дека до завршувањето на војната во ова место не живееле повеќе од 11.000 жители.

 

 

Новата комунистичка власт во екот на соцреализмот се одлучува да ја започне изградбата на идниот град Тихи. На 4 октомври 1950 година, Президиумот на Владата на Полска ја донел одлуката за проширување на самиот град, со кое би се достигнала бројка на население од 30.000 жители. Во овој момент од историјата, донесен е долгорочен план за постепена изградба на социјалистичкиот град со предвидена бројка на население од 100.000 жители. Како резултат на оваа одлука, на Тихи му е даден статусот на град на 1 јануари 1951 година.

 

Изградбата на самиот град се одвивала постепено, така што одделни блокови се издигнувале од комунистичките власти во периодот од 1950 до 1985 година. За разлика од многу други градови, во Тихи до денешен ден со една прошетка низ околните населби може практично да се увиди целата етапа од развојот на урбанистичкото планирање во социјализмот и различните периоди во кои се фаворизирале конкретни архитектонски правци и градежни материјали. За 70-тите и 80-тите години од минатиот век може да се каже дека доминираат огромниот број на безлични и евтини висококатници од префабрикувани елементи. Наспроти нив, 50-тите години од 20. век се карактеризираат со соцреалистички зданија за сместување на работничката класа во подем.

 

 

Шетајќи низ многуте градови од Централна и Источна Европа во кои соцреализмот оставил длабоки лузни во нивниот развој, можам да кажам дека Тихи е првиот град во кој соцреализмот е барем делумно поднослив. Објектите со три-четири ката се минијатурни во огромното зеленило засадено во нивните дворови. Насликаните ѕидови и соцреалистичките скулптури на работниците – градители на социјализмот се малечки, кои пленат со својата едноставност во изработката. Самата околина, која е плански проектирана од тогашните власти, буди чувство на блискост до околното население и ја гради сврзаноста со нивниот град. Ако пред шест децении ова претставувало обид за реализација на утописка замисла, од денешен аспект на овој град може да гледаме како на маестрална творба на полските архитекти.

 

Градот Тихи и денеска буди топли чувства помеѓу неговите жители. Градскиот музеј во Тихи пред две години ја има издадено монографијата за самиот град, насловена како „Tychy – Art in Public Space“. Посебно место во неа е одвоено за двајцата автори на новиот социјалистички град – Хана и Казимиерц Вејчерт. Тогашното полско раководство им ја доделило значајната улога за урбанистичко планирање на идниот град. Станбениот блок А е изграден во периодот од 1951 до 1956 година врз основа на изработениот проект на архитектот Тадеуш Теодорович-Тодоровски. Стотината згради од овој блок се целосно усогласени со доктрината на социјалистичкиот реализам.

 

 

Во ерата на сталинизмот, креативната работа на архитектите во соцреалистички стил била единствено дозволена низ догматските правила. Да се создаде прикладно дело во еден ваков период е мајсторски потег единствено на големи архитекти. Убавината на Тихи е во едноставноста на имитацијата на класицизмот, неокласицизмот и ренесансата, која е непретенциозна и без желба за прикажување на тогашните империјалистички тенденции на сталинизмот. Скулптурите не се ладни и извишени до небо, се сврзуваат со околниот простор и го прикажуваат секојдневието на самите жители. Од овие причини и самите историчари сметаат дека соцреализмот во Тихи е многу поприфатен од самите жители во споредба со поголемите полски градови.

 

Севкупниот концепт на тогашниот утопистички град бил да се создаде простор „социјалистички по содржина, но национален по форма“. Не смее да се заборави замислената естетска функција – уметноста и архитектурата треба да овозможат легитимизација на новиот систем. „Исткаени во согласност со соцреалистичките правила, тие ја комбинираат архитектурата и идеологијата за да создадат усогласен простор, служејќи му, меѓу другото, на славењето на работата, семејните вредности и здравиот, спортски начин на живот“ се наведува во публикацијата „Tychy – Art in Public Space“. Многу ќошиња во градот ширеле континуирана индоктринација за тамошното население, која е најочигледна во првично изградениот станбен блок А.

 

Промената на сталинистичкиот претседател Болеслав Бјерут во 1956 година донела многу новини во малиот град Тихи. На соцреалистичката догма е и ставен крај, споменикот на Сталин исчезнува од јавниот простор на Тихи, а е напуштена и идејата за искористување на уметноста за идеолошките потреби на владејачкиот режим. Новиот комунистички водач Владислав Гомулка воведува мерки за штедење, кои имале сериозно влијание на развојот на архитектурата. Сепак, идејата за создавање на идниот социјалистички град не е напуштена од новото раководство. Архитектурата му се навраќа на модернизмот, а во изградбата на станови доминираат блоковите изведени од евтини, префабрикувани елементи.

 

 

Најголемиот дел на градот Тихи е составен од вакви станбени блокови, кои се подигнати првенствено во северните предградија. Постојаното доселување на население ја зголемило бројката на жители на околу 130.000, со што Тихи е претворен во најголемиот социјалистички град во Полска. Италијанскиот автомобилски гигант „Фиат“ во 1975 година ја отвора новата фабрика за производство на автомобили во Тихи, а градот постанува познат и по најголемата пивара во Полска. Рапидната индустријализација во годините на социјализмот овозможила и изградба на тролејбуски систем во градот.

 

 

Интересно е да се спомене дека првичната идеја за Тихи не била насочена кон изградба на самоодржлив град, туку првенствено на „сателитски“ град на индустрискиот центар Катовице. Тогашните власти сметале дека е исправно да се дисперзира населението низ новоизградени населени места во индустрискиот регион Шлезија. Најтежок период за градот бил втората половина на 80-тите и 90-тите години на дваесеттиот век, кои ја одбележуваат транзицијата на тамошната индустрија кон новиот систем. Во овој период се гледало и исклучително негативно кон сето она што е изградено во градот во текот на претходните децении.

 

 

Две децении подоцна, градот Тихи денеска се обидува да постане туристичка атракција со сета историја што ја носи на својот грб. Локалните власти се обидуваат да спроведат позначајни активности за заштита на објектите што прераснуваат во културно наследство на градот. Конзерваторски работи се спроведени на станбениот блок А, којшто е изграден на почетокот од 50-тите години од минатиот век. Жителите денеска ја прифаќаат тишината на тивкиот град, како место оддалечено од гужвите на големите градови. Некогашните дрвца во околните паркови денес имаат големи крошни, а пространиот јавен простор овозможува изведба на нови велосипедски патеки и растеретен сообраќај. Доколку се зголеми бројот на туристи кои сакаат да дознаат нешто повеќе за овој урбанистички експеримент, тогаш иднината на Тихи ќе биде уште посветла.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk