Претходна статија
Булеварот Трета Македонска бригада остана недовршен и по две години градење
Следна статија
ФЕЉТОН: Социолошкото истражување по земјотресот - приказна за тоа како е спроведена првата анкета во Македонија (10)

РЕПОРТАЖА: Нова Горица/Горица – нечуениот Берлински ѕид на Европа

Објавено на 03.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

10 февруари 1947 година е еден од историските датуми коишто ја скроија животната судбина на илјадници луѓе. Со потпишувањето на Париските мировни договори и официјално е оформена картата на Европа по Втората светска војна. Југославија и Италија со конференцијата во Париз ја договорија новата граница меѓу двете земји, која зад себе остави цели региони, градови и несреќни луѓе одделени со децении едни од други. Горишкиот регион во Словенија беше меѓу најпогодените од тогашните делби на политичарите, присоединувајќи го градот Горица, како тогашен центар на словенечкиот регион, кон Италија. Речиси 40% од тогашната општина Горица остана под власта на Југославија, но срцето на самиот град премина во владение на друга држава. Со влегувањето на Словенија во Европската унија на 1 мај 2004 година, бедемот на поделбата замина во историјата, овозможувајќи ја повторно слободата на движење на луѓето од ова мало место.

 

 

Идејата за изградба на нов центар на Горишкиот регион во Југославија се појавила во есента 1947 година. Урбанистичкиот план за Нова Горица го изготвил познатиот словенечки архитект Едвард Равникар. Градот беше основан на 13 јуни 1948 година. Младинците од цела Југославија ги комплетираа првите станбени згради, додека првичниот урбанистички план на некогашниот студент на Јоже Плечник беше неколку пати променет низ годините.

 

Идејата на Равникар била во новиот град да се издигнат казина за богатите Италијанци од другата страна на границата, но стриктната забрана на овој вид објекти важеше за Нова Горица до самиот крај на 80 – тите години на XX век. Сепак, вториот концепт на „град во паркот“ беше остварена. Со изведбата на новите зданија плански беа зачувани стотиците дрвја и грмушки, дел од нив ендемични видови, врз чија реализација се заснова постоечката квалификација на градот како зелена, чиста и мирна околина за живеење.

 

Во согласност со потпишаниот договор помеѓу Југославија и Италија, денешниот нов регионален центар од некогашниот град Горица ја доби единствено зградата на железничката станица, неколку куќи од периферијата на стариот град и железничката пруга, која Нова Горица денес ја поврзува со јужниот словенечки град Сежана и преку магичната долина на реката Соча со северното место Јесенице. Токму овие делови од градот ја претставуваат неговата периферија, која и денес останува просторно неуредена. Во кругот на некогашното железничко депо покрај самата граница со Италија е изграден трговски центар и станбен комплекс, кои само ја поттикнуваат потребата од смела архитектонска интервенција на просторот во кој непосредно комуницираат двете соседни земји.

 

Како што може да се претпостави, архитектурата на двата града е драстично различна, ако се земе во предвид историјата на нивното настанување. Името на градот Горица за прв пат е внесено во документите во 1001 година, наспроти идејата за изградба на Нова Горица втемелена кон крајот од 40 – тите години на XX век. Со формирањето на прекуграничната метрополитен зона меѓу овие два града и општината Шемпетер –  Вртојба преку заедничката административна управа, од мај 2011 година се прават напори за целовито поврзување на овие две места во една градска област, со што би се надминале постоечките урбанистички проблеми што тлеат со години наназад.

 

Гледано од аголот на еден посетител, италијанскиот град Горица несомнено има континуитет на архитектонски развој од средниот век до постмодерната. Изобилството на зданија со различна форма и функција го прават ова место примамливо за посета до денешен ден. Сепак, стремежот за модернистички тип на град од иднината несомнено го носи Нова Горица. И тука не станува збор единствено за процентот на зелени површини во градската средина.

 

 

Издржаното урбанистичко планирање на овој словенечки град уште одамна го внесе велосипедот како основно превозно средство за неговите граѓани. Управувањето со отпадот преку негова селекција и натамошно користење во производството претставува еден важен симбол на градот, редок и за некои од поразвиените европски земји. Конечно, тука е и решениот проблем со паркирањето на автомобилите, за кој е изграден соодветен гаражен простор околу објектите што може да ја прими бројката на возила во градот.

 

 

Модернистичката архитектура е сржта од која градот во континуитет ја црпи својата препознатливост. Авангардниот Равникар конципирањето на развојот на Нова Горица своевремено го црпеше од славниот автор Ле Корбизје, чедото на архитектурата на XX век. Во неговиот урбанистички план за ова населено место се инкорпорирани и замисли од творештвото на најпознатиот словенечки архитект Јоже Плечник, на кој Равникар му го придава епитетот „врвен“ до крајот на својата творечка кариера. Во експериментот за создавање на различен град влегува и непостоењето на традиционалните јавни простори во Нова Горица – градски плоштад и централен градски парк, кои би биле карактеристични за едно населено место од минатото.

 

 

Зданијата во Нова Горица имаат оставено несомнен белег во развојот на словенечката архитектура од втората половина на минатиот век. Една од првите згради подигната во раните фази од развојот на градот е препознатливиот „Неботичник“, кој до денешен ден ја зачувал основната функција на здание за колективно домување и комерцијални дејности на неговото приземје. Оваа градба го формира епицентарот на населеното место, заедно со општинската зграда изработена од архитектот Винко Гланц, седиштето на Словенечкиот народен театар од Нова Горица и објектот на Горишката библиотека „Франце Бевк“.

 

 

Ако се изземат изградените хотели и казина за привлекување туристи, несомнено е дека архитектурата во Нова Горица во текот на изминативе две децении ја одбележаа две градби – Горишката библиотека „Франце Бевк“ и современиот комплекс „Еда центар“. Регионалната библиотека на Горишкиот регион е подигната во периодот 1996 – 1999 година. Нејзини автори се архитектите Војтех Равникар, Маруша Зорец и Роберт Потокар. Зад ентериерното уредување на зданието се потпишаа Роберт Потокар, Маруша Зорец и Дамјана Завиршек – Худник. Во образложението на своето идејно решение, архитектите се водат од стремежот за конечно формирање на централниот јавен простор во Нова Горица преку реализација на нивниот труд.

 

 

Второто здание што ја одбележа архитектурата во изминативе неколку години е комерцијално – станбениот објект „Еда Центар“. Облакодерот со висина од 63 метри е отворен за посетителите во 2011 година, при што во негови рамки се вклучени апартмани за домување и канцелариски простор на горните катови, приземје наменето за угостителска дејност и огромен скалишен простор што го слави споменикот на браќата Едвард и Јосип Русјан, пионерите на словенечката авиација. Архитектонскиот труд е изработен од страна на љубљанското биро „Данс архитекти“, поточно од авторите Миха Дешман, Катарина Пиркмајер Дешман, Рок Богатај, Ева Фишер Берлот и Влатка Љубановиќ. Величината на нивниот труд се гледа од два аспекта. Првиот е мултифункционалноста на скалиштата, кои покрај тоа што служат за поврзување на влезот на зградата со јавниот простор, и самите претставуваат своевидна зона за почивка на граѓаните и за комуникација со центарот на градот. Втората величина на зданието е несомнено фасадата, која од далечина во ноќта добива магична снежно – бела боја.

 

 

Врвната архитектура, зачуваната природа и максималната функционалност при урбанистичкото планирање ја прават Нова Горица населено место за мирен и релаксиран живот. Креативноста и рационалноста на човековиот ум несомнено дошле до израз при проектирањето на самиот град. На тој начин, словенечките архитекти барем малку го надоместуваат спокојот на тамошните жители, исчезнат со загубите што ги донесе востановената граница на поделба меѓу Југославија и Италија.

 

За надминување на линиите на разграничување, некогашните гранични премини во околината на Нова Горица се отворени за непречено движење на граѓаните, а изграден е и нов пешачки тунел што ги поврзува двата града. Воведена е посебна автобуска линија што ги поврзува овие места, кои заедно немаат повеќе од 70.000 жители. Со италијанскиот град Горица е воспоставена и линија што ги поврзува двете железнички станици, од кои може да се патува кон други градови во Италија и Словенија.

 

Идниот предизвик на двата града долж границата е унапредување на сплотеноста. Архитектонскиот израз токму тука ќе го насочи своето внимание при натамошниот развој на овие населени места. Ако сонот на Европа е нејзино обединување во своите граници, тогаш несомнено дека на микро ниво тоа би бил просторниот контакт помеѓу овие два града. Просторот каде што во моментов се шири периферијата на урбаните зони несомнено треба да послужи како повод за смела архитектонска интервенција во наредните години. Неговото обединување би довело и до градење на поцврст контакт на граѓаните од Горица и Нова Горица, кои во моментов се обременети од поделеноста на она што значи италијански наспроти словенечки идентитет.

 

 

 

Текст и фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk