Претходна статија
ТЕМА: Изградбата на станови рушела апсолутни рекорди во 2017 година
Следна статија
Пропадна тендерот за реконструкција на 13 училишни објекти низ земјава

РЕПОРТАЖА: „Македониумот“ во Крушево ја чека најавената обнова од новата влада

Објавено на 19.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Сончевото време и наврнатите 40 сантиментри снег се доволна причина за да се посети македонскиот архитектонски бисер Крушево овие денови. 13 часот е. Топлото време го топи напласнатиот снег, што создава проблеми во движењето до споменикот „Македониум“. Лоцирано над самиот град, овој монументален израз на македонската архитектура и скулптура плени со својата убавина речиси четири и пол децении наназад. И по сиот изминат период, ова здание до денешен ден привлекува бројни посетители од земјава и од странство. За време на моето видување со него, споменикот го посетија стотина лица. И тоа токму во периодот кога крушевската жичарница нормално си функционираше, со што овие посетители како алтернативна можност можеа да ги изберат скијачките патеки на преубавиот град.

 

Заедно со мене, сите овие посетители не можеа, а да не го впијат горкото чувство на неверување во моментот кога ќе го забележат пропаѓањето на ова врвно архитектонско дело. Оставено на негрижа со години наназад, споменикот „Македониум“ и денеска го чека санациониот зафат ветен во 2017, па претходно во 2016, и претходно во 2015, и претходно во 2014 година… Во меѓувреме, на снежно белите ѕидови на зданието можат да се забележат првите пукнатини на идентичните места каде што се појавува и влагата. Мувлата испод витражите на сликарот Борко Лазески ја уништува белината и создава непријатна миризба во објектот.

 

Во внатрешноста на „Македониумот“, но и на неговата надворешна фасада, поставени се скелиња за изведба на долгонајавуваните санациони активности. Поради временските услови, во моментов не се одвиваат градежни работи на терен. Избраната фирма за обнова на споменикот ја чека пролетта за да продолжи со предвидените активности за санација на вредната архитектонско – скулптурална творба. И лаик како мене може да сфати дека врвен приоритет е поставувањето на квалитетна изолација, со која би се спречило натамошно навлегување на водата во внатрешноста на ова здание. Неофицијално, вработените во „Македониумот“ велат дека целокупниот санационен зафат е ветено дека ќе заврши до 2 август 2018 година. Споменикот ќе биде подготвен за прославување на националниот празник Илинден, но само ако повторно не се одложат градежните активности.

 

Од позиција на опозиција, социјалдемократите во изминативе неколку години редовно ја критикуваа состојбата во која се наоѓа монументалната архитектонска творба. Со Годишната програма на Министерството за култура за 2018 година, одвоени се минорни финансиски средства за озвучување и осветлување на овој споменик. Претходното раководство на ова министерство алоцираше скромни 4,5 милиони денари за обновата на „Македониумот“, која не е завршена до денешен ден. Останува допрва да видиме дали новата социјалдемократска влада ќе покаже грижа за еден од најзначајните симболи на современото архитектонско творештво во земјава. До тој ден, граѓаните без прекин ќе продолжат да го посетуваат „Македониумот“ и ќе плаќаат билети од по 30 денари за да се потсетат на своите загинати предци, на витражите на Борко Лазески и на архитектонското мајсторство преточено во реалност на вајарот Јордан Грабул и архитектката Искра Грабул.

 

Со тешко срце го напуштам споменикот посветен на одбележувањето на вековната борба за слобода на македонскиот народ. Сонцето останува да ја грее убавината на овој уметнички израз. Заминувам со мисла дека државната власт ќе опстои на својата задача и ќе ја заврши на квалитетен начин санацијата на „Македониумот“. Симнувајќи се по скалите надолу, се запрашувам и каде се бизнисмените на оваа земја. Оние што вложуваат десетици илјади евра за музички концерти на безлични ѕвезди. Зарем е можно да се заборави оваа вонвременска убавина?

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk