Претходна статија
Општина Илинден лидер, останатите општини каскаат со легализацијата на објектите
Следна статија
Скопје со најмногу планирани станови за градење во ноември 2015

Реконструкција на охридската болница „Св. Еразмо“ до крајот на 2018 година

Објавено на 14.01.2016 во категорија Вести.

„Виа Инженеринг“ од Вевчани ќе ја изведува реконструкцијата и адаптацијата на специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид. Во конкуренција на пет доставени понуди од градежните компании, Министерството за здравство на крајот од минатата година ја избрала оваа фирма. Од државниот буџет во наредните три години за овој проект ќе бидат издвоени 219.100.195 денари, односно околу 3,5 милиони евра. Изведбените активности ќе се одвиваат во наредните 36 месеци, така што се очекува пациентите да ги користат просториите на оваа здравствена установа кон крајот на 2018 година.

 

##

 

 

Со проектот е предвидено да се реновира и адаптира постоечкиот објект на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“. Реконструктивниот зафат ќе опфати површина од 5.623 метри квадратни, вклучувајќи ги лабораторијата, амбулантите, операционите сали и останатите простории. Од Министерството за здравство посочуваат дека ќе се догради старата болничка зграда, во која ќе се сместат интервентната кардиологија со интензивна и полуинтензивна нега, како и адултната кардиологија со амбуланти, дијагностика и дневна болница. Со проектот се предвидува обнова на собите за пациентите, вклучувајќи ја изведбата на тоалети во секоја соба.

 

Тендерот за реконструкција и адаптација на охридската болница „Св. Еразмо“ беше објавен на почетокот од септември минатата година.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk