Претходна статија
За четири години од Кичево до Охрид ќе се патува по автопат
Следна статија
„Макстил“ вложува 10 милиони евра за да ги исполни еколошките стандарди

Реконструираниот Музеј на современа уметност во Скопје ги отвори вратите за посетители

Објавено на 23.02.2014 во категорија Вести.

Со вчерашното отворање на постојаната поставка „Солидарноста – недовршен проект“, заврши процесот на реконструкција на Музејот на современа уметност во Скопје. Во изминатите неколку месеци се работеше на санација на простории со површина од 1.500 метри квадратни, и тоа првенствено застаклената сала „Пикасо“ и горниот кат од музејот. Со зафатот се замени старата стаклена фасада со специјални сигурносни стакла со заштитна фолија, променет е дел од фасадата, додека на стаклениот покрив е поставена специјална фолија со УВ заштита. Интервенции се извршени и во ентериерот на галерискиот простор за да се обезбеди соодветна температура, влажност и осветлување за соодветен третман на делата што ќе бидат изложени во музејот. Во објектот е поставен нов систем за противпожарна заштита и 40 инфрацрвени камери за обезбедување на врвните уметнички творби.

 

####

 

 

Реконструкцијата на Музејот на современа уметност чинеше околу 24 милиони денари, финансиски средства обезбедени од буџетот на Министерството за култура. Овој зафат претставува прва поголема интервенција во целиот објект од неговото отворање во 1970 година. Градежните работи ги изведуваше компанијата „Бортас“ од Скопје. Музејот на современа уметност во претстојниот период ќе работи на осмислување и уредување на впечатливиот партерен простор на зданието, а дополнителни финансиски средства е неопходно да се вложат и во реконструкција на скалишниот простор, кој составен дел на самиот објект. Санацијата на Музејот на современа уметност започна на крајот од мај минатата година.

 

Објектот на оваа музејска установа е една од најпрепознатливите градби во македонската метропола. По скопскиот земјотрес од 1963 година, тогашните власти го поканиле славниот архитект Ле Корбизје да биде автор на зградата на Музејот на современа уметност, но тој го одбил овој предлог. По сугестија на полскиот архитект и урбанист Адолф Циборовски, одбрана е локацијата, а Владата на Народна Република Полска го донира ова здание за жителите на Скопје, претходно распишувајќи конкурс за избор на идејно решение. Од пристигнатите 89 трудови, одбрана е визијата на Јержи Мокшински, Евгениуш Вјежбицки и Вацлав Клишевски. Од корисната површина од 5.428 метри квадратни, дури 3.000 метри квадратни претставуваат изложбен простор за организирање постојани и привремени изложби.

 

Музејот на современа уметност во Скопје е на самиот врв во целиот регион според бројот на уметнички дела од модерната што ги поседува, неговата збирка во моментов е заокружена на 3.128 дела. Покрај квантумот, од исклучително значење е нивната извонредна вредност бидејќи во колекцијата на музејот се наоѓаат творби на познатите Пикасо, Хокни, Петар Лубарда, Џаспер Џоунс, Фернан Леже, Бернар Бифе, Пјер Алешински, уметнички форми и инсталации на Калдер, Јанис Гаитис, како и дела на основоположниците на македонската модерна како Лазар Личеноски, Димо Тодоровски, Димитар Кондовски и други. Од сите нив, љубителите на современата уметност во претстојниот период ќе можат да се запознаат со 330 уметнички дела од 248 домашни и странски автори.