Претходна статија
Ќе се утврдува оправданоста од изградба на нова клучка кај Момин Поток
Следна статија
Уште еден неуспешен тендер за изградба на театарот „Центар“

Реакции за донесениот ДУП во Аеродром, опозицијата предупредува на нови предлози

Објавено на 08.04.2017 во категорија Вести.

 

Ќе се изгласа ли нова тура на спорни урбанистички планови во општина Аеродром во текот на наредната недела? Ова прашање го поставија од Демократската обнова на Македонија (ДОМ), во врска со реакцијата на граѓаните од населбата Лисиче кои живеат помеѓу булеварите Видое Смилевски Бато и Февруарски поход. „Зградите бр.10, 12, 14 и 16 од урбанистичката четврт ЈИ-03 со планираните урбанистички измени, кои веќе поминале експресна јавна расправа, би изгубиле големи делови од своите паркинзи и зелени површини, кои тие ги имаат и откупено“ нагласуваат од ДОМ. Од партијата очекуваат одговори од општина Аеродром во однос на ваквите тврдења.

 

 

Со своја реакција денеска излегоа и од Либерално-демократската партија (ЛДП), од каде велат дека општина Аеродром станува неподносливо место за живеење. „Уништени се илјадници квадратни метри на зеленило и исечени се повеќе стотици масивни повеќе-децениски дрвја, наместо кои се заседени грмушки со минимална зелена маса и фамозните палми. Неодржливата градба и бизнис интересите доведоа до прекумерна населеност, закрченост на сообраќајот дури и во најмалите улици, голем број на сообраќајни незгоди, недостаток на паркинг места и неможност за струење на воздухот“ изјави Зоран Шапуриќ од ЛДП.

 

Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска најавија дека ќе има преиспитување на донесениот ДУП И10, кој бил донесен тајно и без дебата. Опозиционерите денеска ги повторија тврдењата дека зад изградбата на новиот објект кај „Мајчин дом“ стои фирмата Масив Констракшн на Орце Камчев. „Криминалните шеми на Коневски, ВМРО-ДПМНЕ и градежната мафија се заплеткани и сложени, но нивната цел е јасна – полнење на приватни џебови и сметки и туркање на Аеродром во еколошка катастрофа“ вели Златко Марин од ОО СДСМ-Аеродром.

 

Градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски денеска ги повика опозициските партии на телевизиска дебата во однос на темата што веќе беше актуелизирана во јавноста. „Со оглед на непрекинатото ширење невистини во јавноста за наводното уништување на зеленилото во општина Аеродром, ве поканувам на јавна дебата на телевизија што вие ќе ја одберете најтранспарентно да ги спротивставиме аргументите за граѓаните сами да можат да ја согледаат јавно вистината за мојата и работата на општината Аеродром“ истакнува градоначалникот Коневски.